Вака Путин го промовираше новиот мост меѓу Русија и Крим (видео)


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Качен во камион и седнат зад управувачот на истиот, рускиот претседател Владимир Путин го возеше товарното возило преку мостот кој ги поврзува Русија и Крим, проект што Украина го осуди за кршење на меѓународното право.

Руската државна телевизија го покажа Путин во камион, заедно со градежни работници, како го поминуваат мостот долг речиси 20 километри, чија цел е да го поврзе Крим со руската транспортна мрежа.

„Ви честитам за овој историски празник“, им рече Путин на работниците, и додаде: „Тој ќе овозможи развој и нов квалитет на економијата на Крим, и ќе го крене стандардот на живот на граѓаните“.

Украинскиот премиер Владимир Гројсман го осуди проектот, велејќи дека со неговата изградба била оштетена околината, и оти поголемите бродови нема да можат да поминуваат под него за да стигнат до пристаништата на Азовското море.

„Руските окупаторски сили, кои привремено го окупираа Крим, продолжуваат да дејствуваат надвор од меѓународниот закон“, изјави Гројсман за Француската информациска агенција.

Русија го припои Крим во 2014-та година, што беше осудено од страна на Украина и Западот, како нелегално присвојување на оваа територија.

Мостот ќе овозможи полесно да се дојде од јужниот дел на Русија. Долгите редици возила, особено за време на зимските бури, сега ќе станат минато.

Крим е популарна дестинација за Русите во текот на летниот период, а Путин уште во март најави дека би сакал тој да биде отворен пред почетокот на сезоната.