Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
На 76-годишна возраст, после подолго боледување, почина македонскиот актер Салаетин Билал, доајенот на НУ Турски Театар.
Од 1964 година работи во Турската драма при Театарот на народностите – сегашниот НУ Турски театар Скопје каде со голема посветеност одигра голем број на улоги сè до пензионирањето во 2007 година но и потоа беше ангажиран во проектите во продукција на Турскиот театар.
Паралелно играше и во претстави на Албанскиот театар, во некогашниот Театар „Пралипе“, во независни проекти, во Македонскиот народен театар, во Драмскиот театар.
Седумдесет театарски ролји на македонските професионални сцени, четириесет телевизиски и филмски улоги ја одбележуваат неговата респектабилна кариера.
Посветен на театарот како личен предизвик тој се обидува и како режисер, потпишува режии на четири претстави, преведува драмски текстови и бил директор во еден период.
Салаетин Билал ги добил наградите: наградата на списанието „Екран“ за најдобар актер во 1976 − за ликот на Ахмет Нурудин во Дервишот и смртта; 13 Ноември за Хаџи Трајко во Коштана (1977); 11 Октомври за А. Б. Во Дамокловиот меч (1983), две награди „Војдан Чернодрински“ за Ахмед Нурудин (1976) и за Аздах во Кавкаски круг со креда (1990), награда за епизода „Димче Трајковски“за улогата на Нуман во претставата Стари фотографии (Прилеп, 1993), наградата за животно дело (2014).
Салаетин Билал снима и филмови: Најдолгиот пат (1976), Пукајќи се троши олово и Време води (1980), Полноќно сонце (1982), Македонска сага (1993), Зад непријателската линија и Ангели на отпад (1995), Џипси меџин (1997), Одмазда и Прашина (2001), Чекор пред времето (2003), Андер и Илузија (2004), Стапица (2006), Сенки (2007), Мајки (2010), Трето полувреме (2012), Балканот не е мртов (2013), Херој (2013) и До балчак (2014).
Голем број на ролји во телевизиски серии и драми: Волшебното самарче (1975), Итар Пејо (1977), Илинден (1982), Белото Циганче (1984), Солунски патрдии (1986), Тврдокорни (1988-1992), Македонски народни приказни (1994) и уште многу други.
Погребот ќе биде денес (11.05.2018) во 13.30 часот на градските гробишта Бутел по петочната молитва – џамија Бутел.