Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Предлог измените и дополнувањето на законот за продажба на алкохол, предложени од Министерството за економија, поминаа на вчерашната владина седница.
Измените предвидуваат укинување на ограничувањата на времето на продажба на алкохолни пијалаци во трговијата на мало и на малопродажните објекти во кои тоа беше забрането со законот од 2008 година.
Според одлуката на Влада предлог законот кој доби зелено светло од министрите сега ќе треба да добие амин и од пратениците.
Со предлог законот се предвидуваат продажбата на алкохолни пијалаци во трговијата на мало и понатаму да се врши во лиценцирани продажни објекти, но при тоа нема да се бараат посебни услови во продажниот објект за продажба на алкохолни пијалаци, ниту ќе се ограничуваат малопродажните објекти во кои истата ќе се врши, односно ќе се дозволи продажбата на истите и во киосците.
Лиценците остануваат нечепнати
Исто така трговците може да бидат мирни бидејќи не се планирани измени или поскапување на актуелните лиценци за продажба на алкохол, ниту пак на нивно поевтинување. Ова за нив е важен сегмент бидејќи од здруженијата велат дека голем број на трговски субјекти по ограничувањето за продажба на алкохол не ги продолжувале лиценците, па сега ќе треба одново тоа да го сторат.
„Надоместокот за лиценца за продажба на алкохолни пијалаци е регулиран во член 23-а на Законот за трговија од 2008 година. Во тековните измени на законот нема да се интервенира во наведениот член (23-а).
Имено, 20.000 денари е надоместок за вадење на лиценца за продажен објект по првпат, која важи 2 година.
За продолжување на лиценцата трговецот е должен да плати надоместок во износ од 5.000 денари за секој продажен објект, ако има до три продажни објекти, и 15.000 денари за секој продажен објект, ако има над три продажни објекти и 0,05% од вкупниот промет остварен во претходната година. Секоја издадена лиценца важи за период од 2 години“ ни одговорија од Министерството за економија.