Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
На денешен ден, во приквечерните часови, пред точно една година, се случи упад во македонското Собрание од страна на протестирачите од движењето „За заедничка Македонија“, кој резултираше со крв, агресија и дивеење на протестирачите кои ги нападнаа и тогаш веќе пратениците од владејачката гарнитура.
Обидот за државен удар во Собранието на Македонија на 27 април 2017 година, го изведоа околу 300 лица од здружението „За заедничка Македонија“ кои упаднаа во Собранието , за да го спречат изборот на Талат Џафери за претседател на Собрание на РМ, откако претходно беше објавена коалиција меѓу ДУИ и СДСМ, а согласно Уставот и обезбеденото мнозинство, претседателот на државата му го даде мандатот на Зоран Заев, лидер на СДСМ.
Упадот се случи во 19 часот, кога маскирани лица беа пропуштени од собраниското обезбедување и упаднаа во салата за новинари , каде конференција за печат држеше новоизбраниот претседател Џафери. Претходно, неколку пратеници на ВМРО ДПМНЕ, ги отстранија металните прачки од вратите на законодавниот дом, со што го овозможија влегувањето на масата народ.
Насилниците физички ги нападна пратениците и новинарите, а со тешки телесни повреди се здобија Зоран Заев и Зијадин Села, како и Радмила Шекеринска која беше удрена со сталак за камера по главата и влечена за коса од возрасен човек.
Полицијата реагираше дури три часа по упадот, а министерот на полицијата, Агим Нухиу, не можел да воспостави контакт со тогашниот директор на БЈБ, Митко Чавков, заради што сега тој одговара пред лицето на правдата.
Пратеникот и лидер на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски, кој повика на улични протести, за време на упадот беше во Виена.
Нападот врз македонското Собрание беше кулминацијата на двегодишната политичка криза, најголема од осамостојувањето, а заради објавените нелегално прислушувани телефонски разговори.
Поради очигледните пропусти на полицијата и нивна вмешаност во упадот, од работа се суспендирани дваесетина полициски службеници и беше покрената дисциплинска постапка против четириесетина други. Лицата кои тепаа пратеници и новинари се обвинети за учество во толпа и поминаа со условни пресуди.Но, потоа, со смена на јвниот обвинител, беа оформени обвиненија со сериозни обвинителни акти за загрозување на уставниот поредок и тероризам, по кои се водат повеќе судски процеси.
Учесници во инцидентите одговараат и за обид за убиство на Зијадин Села.