„Шамар“ за Трамп: Трговски договор помеѓу ЕУ и Мексико


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Со трговскиот договор кој го потпишаа Европската унија и Мексико, ќе се укинат царинските давачки во тргувањето помеѓу двете страни.

Обемниот документ ќе ги поедностави царинските постапки и ќе ги укине тарифите на „речиси сите“ производи со кои се тргува меѓу земјите членки на ЕУ и Мексико, јави Си-ен-ен повикувајќи се на соопштението на Европската комисија објавено во сабота, пренесува Мкд.мк.

Претставниците на Мексико и на ЕУ уште минатата година најавија дека ќе ги забрзаат преговорите за да го обноват трговскиот договор потпишан во 2000 година, откако САД се заканија со воведување на тарифи на увоз на мексиканска роба и со повлекување од Северноамериканскиот договор за слободна трговија (НАФТА).

Си-ен-ен проценува дека претставниците на Мексико и на ЕУ „изгледа директно удираат на мерките на американскиот претседател Доналд Трамп со изјавите во кои го фалат договорот како одбрана на ‘отворена’ трговија и трговија ‘заснована на прописи’“.

„Мексико и ЕУ делуваа заедно и постигнаа решение во заедничка корист. Го направивме тоа како партнери кои се подготвени да разговараат за да ги одбранат своите интереси, и кои се истовремено подготвени на компромиси за да ги исполнат очекувањата на другата страна“, изјави претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер.

Договорот, според Си-ен-ен, претставува исчекор во потпирањето на Мексико на трговијата со САД.

Официјалните претставници, исто така, велат дека договорот ја отвора вратата на компаниите во Европската унија или Мексико да учествуваат на тендери за државни договори во странство, како и да ги регулираат работните, безбедносните и стандардите за заштита на животната средина.

Деталите на договорот ќе бидат предмет на понатамошни преговори пред да бидат формализирани.