Не се само Заев и Коѕијас: И кралот на Свазиленд го менува името на земјата!


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Во светот нема многу луѓе кои можат да си дозволат да променат име на држава, но кралот Мсвати Трети, може, пишува Би-Би-Си, без веројатно да го има предвид случајот со Македонија. Со оглед на тоа што е еден од апсолутните монарси, кралот одлучи државата Свазиленд отсега да се вика Кралство еСватини.

Ваквата одлука кралот ја објави на стадион по повод 50-годишнината од независноста на државата и неговиот роденден. Новиот назив еСватини значи „земја на Свазите“.

Промената на името на државата е неочекувана, но кралот ова име го користи во јавноста веќе подолго време, особено кога се обраќа пред Генералното собрание на Обединетите нации. Светските агенции пишуваат дека Швајцарија сега може да биде мирна, бидејќи често се случувало во интернет-комуникацијата да се мешаат имињата на овие две земји.

Мсвати Трети веќе 25 години владее со единствената африканска апсолутистичка монархија во која живеат 1,2 милиони жители. Со уставот усвоен во 2006 година се забрануваат активности на политичките партии, а Мсвати има имунитет од прогон и право да одлучува за законите.


Мсвати Трети е син на Собхузе Втори, кој владееше 82 години и кој според неговите биографи, има 125 жени. Неговиот син, актуелниот крал, има 15 жени.

Кралот е познат по луксуз и полигамија, додека 40 проценти од сиромашната популација е заразена со ХИВ. Просечниот животен век во Свазиленд е само 32 години, а 70 проценти од населението живее со помалку од еден долар дневно.

Инаку случајот со Свазиленд воопшто не е прв во историјата особено во Африка и Азија. Многу земји од т.н. трет свет по Втората светска војна си ги сменаа своите колонијални имиња и си ги ставија своите историски имиња. Разликата со нас е што од нас се бара нашето историско име да си го промениме со некое хибридно.