Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
За компромисно и праведно решение за името, кое ќе ги поврзе интересите на двете страни, ќе гледа кон иднината, а не кон минатото и ќе го зачува дигнитетот на граѓаните на двете држави, се залагаат шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас. Сепак, потенцираат оти процесот е во тек, а разликите се уште се на маса и се прават обиди за нивно надминување.
Двајцата министри вчера во Скопје на маса ги ставија позициите по размената на нацрт-спогодбите за решавање на спорот со името, а на заедничката прес-конференција по средбата Димитров истакна дека за македонската страна предлогот за слеано име со географска одредница на македонски јазик без превод не е најдобар правец, додека Коѕијас уште еднаш повтори дека Грција не се откажува од промена на македонскиот Устав.
Двајцата министри не изнесуваа детали од разговорите, нагласувајќи оти не сакаат отворенo да говорат за позициите додека траат преговорите.
– Сложено име, со географска одредница, кое ќе биде слеано и во себе ќе го содржи името Македонија доколку се изговори брзо може да се случи да не се слушне зборот Македонија, порача шефот на македонската дипломатија, нагласувајќи оти во името е идентитетот на граѓаните на земјава.
Коѕијас нагласи дека Грција инсистира на промена на македонскиот Устав, бидејќи според праксата на европските уставни судови, националните устави се над европското и меѓународното право.
Нацрт-спогодбите се документи со кои треба да се разјаснат позициите на страните, а не да се отежне процесот, рече Коѕијас, а Димитров се надоврза дека Македонија се залага за одржливо решение кое ќе биде постигнато и прифатено од јавноста и граѓаните на двете земји.
Грчкиот министер рече дека на крајот двете страни треба да добијат еден текст што медијаторот Метју Нимиц ќе го преточи во договор и ќе го достави до Советот за безбедност на ОН, како потврда дека проблемот е решен.
Коѕијас за време на престојот во Скопје имаше средби со македонскиот државен врв, со премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Бујар Османи, претседателот на Собранието Талат Џафери, лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, Христијан Мицкоски и Али Ахмети.
Извор: Сител