Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Бившиот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, денес приреди нова драма, овој пат во судница, за време на распитот за случајот со рушењето на „Космос“.
„Сметам дека ова не е во ред и станува преседан. Ако и во други случаи работите до 18-19 часот тогаш нема проблем, но вие правите исклучок само за мене. Вие сте под некаков притисок, можеби на јавноста, политички притисок или на претседателот на судот“, рече Груевски, барајќи да се прекине судењето и да не се пуштаат снимките од „бомбите“ за случајот „ТНТ“ фокусиран на рушењето на градбата „Космос“ од Фијат Цаноски.
Според адвокатскиот тим на поранешниот премиер, Никола Груевски и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески обвинетите не извршиле кривично дело со рушењето на комплексот Космос на бизнисменот Фијат Цаноски.
Одбраната во судница рече дека инвеститорот постапил спротивно на сите правни прописи, на Законот на градење, аплицирање како и добивање на одобрение. Адвокатите нагласија дека рушењето на Космос не било незаконско, туку во една законита постапка се пристапило кон рушење на објектот.
На ваквото излагање на адвокатите на Груевски и Јанакиески, оштетениот Цаноски кој беше присутен во судница реагираше со иронична насмевка.
Адвокатите во воведен говор обвинија дека гонењето на нивните клиенти се прави од орган кој е специјално формиран да ги гони и прашаа каква е намерата на СЈО со тоа што го затрупува судот со огромен број на докази од кои половина, како што кажаа адвокатите се нерелевантни.
Доставувањето на обен доказен материјал е заморување на судот и одбраната и ги става во тешка ситуација да ги читаат тие докази, сметаат адвокатите во „ТНТ”.
Во случајот „ТНТ” за уривањето на комплексот „Космос” обвинети се екс премиерот Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и уште пет лица.
Според СЈО поради политичка одмазда бил урнат објектот на бизнисменот Фијат Цаноски кој во 2011-та година ја напушти коалицијата со ВМРО – ДПМНЕ.