Иванов: Не го потпишувам законот бидејќи е одраз на самоволие


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Претседателот Ѓорге Иванов го осуди носењето на законот за јазици велејќи дека начинот на кој го изгласале претставува институционално насилие и удар врз демократијата. Според Иванов, пратениците кои гласале „за“ законот треба да бидат свесни дека направиле преседан кој носи последици и штети на правото и правната држава.

„Не само што го злоупотребивте европското знаме на овој закон туку ги прекршивте и сите правни процедури, постапки и рокови во начинот на неговото носење. Во ниту еден момент не побаравте консултации со науката и надлежните институции кои се најповикани да дадат свое мислење по прашањето на законот за употреба на јазиците во Република Македонија“, се вели во обраќањето на Иванов.

Тој на пратениците им укажува дека така не се води држава, не се остваруваат нашите стратешки цели, така не се почитува Уставот.

„Во периодот на доделувањето на мандатот на сегашниот премиер, во неколку наврати јасно и јавно укажав дека прашањето на употреба на албанскиот јазик не смее да го загрози уставното уредување на Република Македонија. Од тие причини, од тогашниот мандатар, а сегашен премиер, побарав да добијам писмени гаранции дека новата коалициска влада, со своите политички мотивирани потези, нема да го загрози суверенитетот и уставниот поредок на Република Македонија. Гаранциите беа дадени, но не беа испочитувани“, пишува во обраќањето на Иванов.

Според претседателот на државата, законот за употреба на јазиците на начинот на кој што е напишан, но и изгласан, ќе предизвика целосна блокада на работата на институциите, и додава дека во услови на блокада на институциите, голема е веројатноста да се отвори прашањето за редефинирање на нашето уставно уредување.

„Законот за употреба на јазиците е неправеден и репресивен закон, кој фаворизира само еден јазик. Ваков закон ќе ги продлабочи меѓуетничките тензии и претставува закана за меѓуетничкиот соживот. Преминат е предвидениот рок од 30 дена за отворање на собраниската дебата, заобиколена е расправата по пратеничките амандмани на опозицијата, игнорирани се советите од Европската Унија, повреден е Уставот на Република Македонија и деловникот за работа на Собранието“, се додава во обраќањето на Иванов.

Овој закон, според Иванов не е израз на демократијата, туку тиранијата на парламентарното мнозинство.

„Мнозинството граѓани никогаш не гласале ниту некогаш би гласале за политичка програма во која е предвиден ваков противуставен, антидржавен и суштински неправеден закон. А неправедниот закон и не заслужува да се нарече закон. Како претседател на Република Македонија јас ова нема да го дозволам. Затоа, нема да потпишам указ за прогласување на закон кој е донесен на ваков начин. Закон со кој се злоупотреби европското знаме, закон за кој не се водеше дебата по амандманите кои произлегоа од моите укажувања, закон кој се изгласа надвор од сите процедури, закон кој е противуставен и закон кој ги крши дадените гаранции“, пишува во обраќањето на Иванов.

Претседателот на државата вели дека Уставот и совеста не му дозволуваат да стави потпис на указ за прогласување на ваков закон.