Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
На 15 март 2018 година со почеток во 19:00 часот, во спомен собата на Анте Поповски во Ѓорче Петров ќе се одржи првото официјално доделување на наградите „Антево слово“ кои се дел од меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“ („Il Parnaso – Concorso di Poesia – Premio Angelo La Vecchia“) за најдобра поетска творба во чест на великанот на македонската поезија Анте Поповски – „Антево слово“.
Ова е прва година наградата „Антево слово“ да биде конституирана како дел од оваа меѓународна манифестација која се одржува секоја година во градот Каникати во Сицилија, Италија, а воедно и прва од ваков вид која се доделува за македонски автор надвор од нашата држава.
Првата награда ја доби еминентниот македонски автор Томислав Османли, втората награда ја доби Александра Димитрова, а трета награда ја доби Салваторе Амбросино од Италија. Како дел од оваа поетска манифестација е и интернационалната награда која оваа година за прв пат ја добија Михајло Свидерски и Долорес Атанасова – Лори.
Претсавниците на манифестацијата велат дека конкурсот за поезија „Парнас – награда на Анџело Ла Векија“ е создаден со цел да се прослави и овековечи, преку „Возвишена поезија“, духот, душата, суштината и есенцијата на животот во Каникатската секуларна академија на Парнас. Најмногу пријавени поети има од Италија, но меѓу учесниците има поети од цела Европа, Балканот и пошироко.
„Во апстрактниот простор – време што се приближува неверојатно до сите луѓе без најмала разлика не само на пол, вера, националност, возраст, но, исто така и во своето постоење и непостоење, поезијата успева да биде ’медиум’ во ’континуитет’ помеѓу земјата и небото, помеѓу телото и душата, меѓу прагматизмот и утопијата. Целта на овој конкурс е да се шири културата на чувства, емоции, страсти, знаење во текот на целиот живот и реализирање на ’експресивната слобода’ која е од суштинско значење и привилегија за секој современ општествено ангажиран човек“, изјави Митко Гогов од здружението за развој на култура и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“, кој во соработка со фамилијата на Анте Поповски и меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“ ја востанови оваа награда.
„На ова издание на манифестацијата учествуваа околу 300 поети од целиот свет, а освен носечката награда „Ил парнасо – Анџело ла Векија“ и онаа посветена на рускиот поет Расул Гамзатов со покровителство на Министерството за култура на Дагестан и управуван од страна на поетесата Марина Акмедова, меѓународниот дел беше проширен и посветен на големиот македонски поет Анте Поповски; Овој дел го координира поетот Митко Гогов и се реализира во соработка со семејството на поетот Поповски.“ – вели организаторот на меѓународната манифестацијата „Парнас – награда на Анџело Ла Векија“, Геро Ла Векија.
Сите учесници имаа можност да влезат во конкуренција за двете награди, носечката награда „Анџело Ла Векија“, награда која е именувана по проф. Анџело Ла Векија (Angelo La Vecchia), познат во Сицилија и на територијата на Италија со неговата работа како поет, драмски писател, историчар и професор и наградата „Антево слово“ која се доделува во чест на Анте Поповски, познатиот македонски поет, есеист, препејувач и публицист.