Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, по синоќешната средба со српскиот претседател Александар Вучиќ во Белград на прес-конференцијата повторно зборуваше за ситуацијата во Македонија во контекст на, како што кажа, „големоалбанските идеи“, пренесува МИА.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со Косово и пасивноста на ЕУ околу големоалбанските идеи, Лавров кажа дека „секако не може да не не загрижува пасивноста на ЕУ околу иницијативата што се појави од Тирана за т.н. тиранска платформа, која е апсолутно нескриен повик за создавање голема албанија“.
-Еве, неодамна, кога во Македонија имаше парламентарни избори, претседателот на Парламентот, на столот во својот кабинет го стави албанското знаме – во Македонија. Овие денови, шефот на албанската влада Еди Рама, гордо изјави дека токму тој од Албанија го иницирал законот во македонскиот Парламент, кој му дава на албанскиот јазик статус на државен јазик. На тој начин се прекршува Охридскиот договор, кој сите со олеснување го примивме, бидејќи ја олесни кризата во Македонија пред многу години, изјави рускиот министер за надворешни работи.
Лавров констатираше и дека доколку сега „се урнат овие достигнувања, што толку тешко ги усогласувавме и во Македонија, и во Босна или било каде на Западен Балкан, тогаш ќе имаме основа да ја замолиме ЕУ да даде извештај на кој начин тие ги исполнуваат сопствените одлуки и колку одговараат на довербата која меѓународната заедница им ја дала“.
Ова не е лесна состојба-заклучи Лавров, објаснувајќи го рускиот став за непризнавање на Косово и бриселскиот дијалог меѓу Белград и Приштина, кој според Лавров, бавно се реализира поради пасивноста на ЕУ.
Извор: НоваТВ