„Идам во Скопје со план“: Еве што сака Коѕијас како решение на спорот за името


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Пред официјалната посета на Македонија, која Коѕијас ја најавува за овој месец, грчкиот министер за надворешни работи конкретно предочи што преферира тој како решение на спорот за името кој ние 25 години го водиме со јужниот сосед.

Јас претпочитам име што во меѓународни рамки ќе зборува дека тој дел на Македонија е сега делот на ФИРОМ, Скопје, со Албанци и Словени и дека тој дел нема ништо заедничко со грчка Македонија – не сакам да се случуваат забуни, вели Никос Коѕијас, грчкиот министер за надворешни работи во интервју за грчката телевизија „Алфа“, пренесува Мета.мк.

Коѕијас објаснувајќи дека месецов ќе дојде во Скопје со план на 20 страници, вели дека првиот дел е готов, а се однесува на името и на изведенките од името.

Се очекува Коѕијас да биде првиот грчки висок функционер што ќе слета на скопскиот аеродром, како гест на добра волја по неговото преименување од „Александар Велики“ во Меѓународен аеродром Скопје.

Шефот на грчката дипломатија упатува и внатрешна порака, до политичките сили во Грција, посочувајќи дека нерешавањето на спорот ќе остави големи можности за мешање на Турција во регионот.

„Оние што сакаат уставот да се смени сега и тука, знаат дека тоа нема да се случи. И тоа се тие што не сакаат договор. Но, сакам да појаснам дека несогласувањето со северниот сосед ќе значи продолжување на проблемот. Тоа ќе значи дека во регионот ќе имаме постојан извор на нестабилност, поради што Турција ќе се обидува да интервенира. Заев беше во Турција, како што знаете, војската на северниот сосед е обучувана од Турција. Сметам дека е добро да ги развиеме нашите односи, за тие работи да се одвиваат во добра соработка“, вели Коѕијас.

Зборувајќи за предлозите што биле изнесени на маса за новото име, тој вели дека ставовите на раководството на ФИРОМ и неговите се разликуваат.

„Соседната земја, терминот Македонија, долги години го разбираше како национална, а некако географска карактеристика, сега треба да се најде географска или територијална одредница. Моја желба е името да биде непреведно, на словенски јазик, таков пример се Нова Македонија, Вардар Македонија, Горна Македонија“, вели Никос Коѕијас, а доколку тој би бил кум на земјата, немало да сака да биде вклучено името Македонија.

„Или Горна Македонија, или Северна Македонија или Вардарска Македонија или Македонија – Вардар. Има дебата. Името да биде на латиница, да биде на англиски, од каде ќе се преведува на сите јазици. Тоа е она што мислам дека Скопје би го сакало. Мојата желба е малку покомплексна. Би сакал да биде тоа име кое ќе кажува дека тоа е една друга Македонија, географски ентитет, а не историско наследство на грчка Македонија“, вели шефот на грчката дипиломатија во интервјуто.

Тој гледа позитивно на македонскиот премиер и објаснува дека планот ќе биде „пакет“.

„Мислам дека господинот Заев изразува оптимизам, што е добро за преговорите. Ние зборувавме точка по точка. И кога така преговарате, не може секаде да се согласите, оти за сè имате свое мислење, а другиот негово. Тогаш се обидувате различните точки да ги ставите во пакет. Она што се обидувате да го ставите во пакет се другите точки. Како што велиме академски, тоа е пакет решенија, што значи дека јас ќе ви попуштам на една точка што за мене не е битна, но за вас е многу битна. А вие ќе ми попуштите за точка што за мене е многу важна, а за вас помалку важна. Оти, во спротивно, нема спогодба. Мислам, ако се сеќаваме, дека господинот Заев рече дека сме согласни за општите принципи. Да решиме некои проблеми, јас размислувам за неговото многу практично решение. Во смисла дека ако за мене некои прашања се решени, за нив не се“, вели Коѕиас.

За планот на 20 страници, тој објаснува дека првиот дел е готов, а се однесува на името и на изведенките од името.

„Односно, како ќе се користи името – ние сме и за внатрешни и за надворешна употреба, и во меѓународните односи и во билатералните односи. Значи, има име и тоа се користи, но доаѓаат и изведенките. Идентитетот, единството, јазикот. Потоа, се зборува и за трговските марки – има многу производи со името Македонија на двете страни, и, се разбира, тоа мора да престане. Но за тоа нема да зборуваме во овие преговори“, вели грчкиот министер за надворешни работи.

За менувањето на македонскиот Устав, тој вели дека сега другата страна на тоа се противи, но е неопходно за долгорочна стабилност.

„Моите пријатели од Скопје веруваат дека нема потреба од промена на уставот. Тоа не може да го направат сега, немаат мнозинство. Сепак, ние веруваме дека за договорот да донесе долгорочна стабилност и консолидација на оваа земја, потребни се уставни измени, инаку се остава простор за спорови во иднина“, вели Коѕиас.