ПОНУДА КОЈА НЕ СЕ ОДБИВА: Се продава куќата од култната сцена од „Кум“


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Една од многуте куќи на езерото Тахо се издвојува од останатите по својот момент на слава од минатото, благодарение на култната филмска трилогија „Кум“.

Куќата која Мајкл Корлеоне ја користеше како свое седиште во вториот дел од „Кум“ се продава за 3,7 милиони долари.

Имотот Флор де Лак, на западниот брег од езерото Тахо во Калифорнија, беше искористен во „Кум“ за грандиозната прослава за првата причест, на почетокот од култниот филм, но сепак, уште попознат е по маестралната сцена во која Мајкл Корлеоне, кој го глуми Ал Пачино, наредува да се убие неговиот постар брат Фред (го глуми Џон Казале) додека е на риболов.

Имотот, како луксузен летниковец на 7 хектари, нарачал да се изгради Хенри Кајсер во 1938 година, за своето семејство и бизнис партнерите кои работеле на изградба на браната Хувер. Кајсер бил прилично строг шеф – ангажирал екипа од 300 луѓе кои сите згради ги завршиле за само 30 дена.

Оригиналниот имот имал пристаниште за јахти (кое ќе се прослави во филмот“ и 17 големи градби и мали колиби, како и дополнителна зграда за послугата. Сето е изградено од камен и греди.

Имотот Кајсер го продал во ’60-те години од минатиот век, а Флор де Лак доживеал бројни промени, вклучително и големо реновирање во ’80-те години.

Денес, на имотот уште се наоѓа оригиналното пристаниште за јахти и двете градби од Кајсер, но и 22 нови вили со површина од 350 до 560 метри квадратни. Меѓу нив е и резиденцијата 13 која се продава за 3,7 милиони долари, наведува sierrasothebysrealty.com.

Од вилата со површина од „само“ 350 квадрати се простира спектакуларен поглед на езерото и планините Сиера Невада. Вилата има три спални соби, четири бањи (секако, со италијански мермер), салон со библиотека и неколку дневни соби и простории идеални за дружење и големи забави.

Во дворот има и базен, два терени за тенис. И најважно, новиот сопственик ќе има право да го користи оригиналното пристаниште за јахти.