Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Карго аеродромот кај Штип, за кој беше најавено дека треба да го изгради турски ТАВ, веројатно нема да се реализира.
Владата заедно со ТАВ Макдонија ги пегла деталите околу тоа каде и во што ќе се инвестираат парите што компанијата требаше да ги вложи во градење на карго аеродромот што беше планирано да се изгради во близина на Штип. Засега не се откриваат детали колку пари ТАВ ќе вложи и дали тие пари ќе ги инвестира во проширување на аеродромот „Александар Велики“ во скопски Петровец или пак ќе се вложат во аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид. Од Владата ја потврдија информацијата, но сите детали ќе ги кажале наредната недела.
„Упатени сме, знаеме, ќе имаме точна и прецизна информација како, каде и што ќе бидат инвестирани тие средства, а кои што ТАВ треба да ги инвестира согласно договорот што го има“ – изјави Миле Бошњаковски, портпарол на Влада
Инаку, од Владата велат дека турската компанија согласно договорот на терен врши мерење на силината и на правците на ветерот, причина зошто аеродромот не беше изграден уште во 2010 година. Пред четири години раководството на ТАВ Македонија изјави дека ако по десет годишните мерења резултатите покажат дека на тоа место не е можна изградба на карго – аеродром, парите ќе се вложат најверојатно во проширување на терминалот на скопскиот аеродром „Александар Велики“. Изградбата на карго – аеродромот според најавите од пред неколку години требаше да чини 60 милиони евра. Досега оваа компанија во земјава инвестираше над 120 милиони евра. Од ТАВ сметаа и дека за да се зголеми скопскиот аеродром земјава треба да има национален авиопревозник. Во моментов замена за национален авиопревозник е „Туркиш ерлајнс“. Засега не се откриваат детали дали е можно формирање на национален авиопревозник.