Цела пратеничка плата за половина месец работа – тоа го има само кај нас


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Податокот дека народните избраници се договориле да се појават на работа на 15 јануари, а да си земат цела плата за првиот месец од годината, предизвика лавина од коментари и незадоволсто на социјалните мрежи.

По вчерашниот текст кој го објави А1он се јави пратеничката на НСДП, Соња Мираковска, која е дел од колацијата на СДСМ.

„Тоа е така затоа што опозицијата вети дека ќе се врати на 9 јануари во Собранието“, напиша Мираковска, без објаснување што доколку ВМРО-ДПМНЕ се вратат во март во собранието.

Од опозцисиката ВМРО-ДПМНЕ велат дека сè уште се на ставот за конструктивен однос и дека местото им е во парламетот, но дека од партијата сè уште нема конечна одлука кога ќе се вратат во Собранието. Од таму додаваат дека доколку СДСМ се правда со опозицијата за да почне со работа во Собранието, тогаш може да одморале и пред празниците со истото образложение.

„Нашиот став е познат, ние порачавме дека парламентарното мнозинство е тоа што треба да обезбеди услови за работа во Собранието. Власта ја има таа одговорност, а ВМРО-ДПМНЕ не кажала дека не е за конструктивност, но треба да има доверба од двете страни“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од пратеничката група на СДСМ нема коментар во однос на договореното двонеделно празнување на пратениците, но и дали при носењето на одлуката се воделе од ветување или прогноза дека ВМРО-ДПМНЕ од идната недела ќе се врати во Собранието.

Инаку, собраниските служби информираа дека споениот одмор пратениците си го договориле на заедничка координација. Се договориле од наредната недела да почнат со работа кога се очекува да бидат закажани две расправи на собраниски комисии.

На официјалната веб-страница на Собранието засега единствена закажана седница е на Комисијата за европски прашања на 15 јануари кога пред пратениците ќе бидат претставена програмата и приоритетите за работата на бугарското претседателство со Советот на Европската Унија за периодот јануари – јуни 2018 година.

Во јавноста се отвори прашањето и за тоа дали пратениците ќе си земат цела плата за јануари. Собраниски извори информираат дека пратениците ќе примат цела плата и дека тоа им го дозволува законот.

„Нивната работа е да бидат во Собранието, но кога ќе има извештај, нацрт-закон, седница или слично. Засега таква активност нема, па затоа не се во парламентот“, брифира изворот.

Досега не се случило на пратениците да им биде скратено правото на плата. Кога СДСМ го бојкотираа Собранието 15 месеци, редовно примааа плата, а тоа се случи и минатата година кога Собранието беше закочено два месеца поради одложувањето на конститутивната седница.

Инаку, платата на пратениците е три и пол пати поголема од просечната плата исплатена во Република Македонија. Платата на пратеник во просек, според статистиката, изнесува 1.335 евра месечно.