Екстра

СПРОТИВНО НА НАРЕДБИТЕ: „Излеговме од рововите, разменивме цигари и си честитавме Божиќ“


На Божиќ, 1914 година, германските и британските војници ги стопирале воените дејствија и борби за заедно да го прослават заедничкиот верски празник.

А како тоа изгледало опиша Illustrated London News на 9 јануари, 1915 година, под наслов „Британските и германските војници, рака под рака, разменуваат шешири: Божиќно примирје помеѓу завојуваните страни“.

Иако се очекуваше дека до (католичк) Божиќ, 1914 година, војната ќе биде завршена, во декември таа година истата заглави во рововите, по што на крајот и целата Прва светска војна стана позната. Но, на Бадник и Божиќ дојде до спонтано примирје на Западниот фронт, и покрај командите од главните штабови.

Токму тој настан ја одбележа оваа војна која дотогаш беше најжестокиот воен судир што светот било кога го доживеал, а во целост го смени начинот на војување во 20-ти век. Во истата животите ги загубија еден милион војници и цивили.

Бадникова вечер на Западниот фронт

Сепак, во текот на таа една вечер и следниот ден, војниците од спротивставените страни – Франција Велика Британија од една и Германија од друга страна, го положија оружјето и заедно го прославија Божиќ. Заробените во рововите на Бадниковата вечер, војниците долж целиот Западен фронт таа вечер и тој ден славеле најдобро што умееле и знаеле. Меѓутоа, ненадејно, тие почнале и да излегуваат од рововите без вооружување, со цел таму некаде, среде „ничија земја“, да се сретнат со непријателските војници.

Она што следело било една од најневеројатните епизоди во човечката историја – завојуваните непријатели кои до пред неколку часа меѓусебно се гледале преку нишаните од пушките и се убивале еден со друг со дотогаш невидена жестина, сега разговарале, пееле, танцувале и јаделе заедно како вистински пријатели.

Во писмата кои ги пратиле до весниците и своите семејства, војниците опишале како спонтано дошло до ова примирје.

Фудбалски натпревари и подароци

„На сам ден Божиќ нашите пријатели и Саксонците поставија маси помеѓу рововите. Така поминавме некое време заедно, забавувајќи се и разменувајќи сувенири за спомен“, напиша еден британски војник.

„Поминав неверојатен Божиќ и дојдов до заклучок дека за ништо на светов не би го поминал тој ден во рововите“, опишал друг британски војник во писмо до своето семејство.

На некои делови од фронтот за време на примирјето се играле и фудбалски натпревари. Понекогаш војниците од воено спротивставените страни играле едни против други, но имало и мешани состави. „Региментот одигра натпревар со Германците кои ги победија со 3:2“, напишал воениот лекар во писмо до пријателот во Лондон.

Војниците од двете страни на Божиќ ги погребале своите загинати и одржале свети миси, како да се наоѓаат во црква.

Погребување на загинатите

Навестување за идниот мир

Сето тоа можеби најдобро го има опишано британскиот војник чие писмо беше објавено во Carlisle Journal во јануари, 1915 година.

„Сета таа омраза во зборовите, тоа пукање едни на други кое беснееше од почетокот на војната, сега запре пред магијата на Божиќ“, напишал Британецот. „Охрабрувачки за идниот мир е што двете големи нации кои толку се мразат и кои една кон друга се колнат на вечна омраза и нејзиниот отров го преточуваат во музика, за Божиќ и сè што тој значи имаа сила да го положат оружјето, да разменат цигари и да си посакаат меѓусебно среќа“.

И додека Лора Вогт од Музејот на Првата светска војна, во разговор за Business Insider, истакнува дека тоа било доказ за човечноста и покрај жестокиот воен судир, како и доказ за она што најдоброто што треба да ги краси божиќните празнични денови. Врховните команданти таа 1914 година за војниците немале разбирање. Некои водови биле казнети, а некои преместени на други делови од фронтот, а до крајот на војната повеќе не било воспоставено ниту едно примирје.

И по сто години од почетокот на Првата светска војна, германските и британските војници уште се среќаваат на Божиќ за да одиграат фудбалски натпревари. Сега тоа го прават како сојузници во мирот на кој, без сомнеж, се надевале и таа 1914 година војниците во рововите на Западниот фронт.

Коментари

loading...
Најсвеж македонски забавен портал... и нешто повеќе!


Учество во игри на среќа е дозволено за лица со 18+ години. Играј одговорно!

To Top