Промовирана „Улица Диши длабоко“ – новата, седма книга на Игор Џамбазов


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


„Подобро да издадеш книга отколку да ја издадеш државата“, им порача на присутните Игор Џамбазов на промоција на неговата седма книга „Улица Диши длабоко“ која се одржа во мезе барот „Вип база“.

Книгата „Улица Диши длабоко“ е збирка од најпознатите песни напишани или изведени од Игор Џамбазов. Покрај незаборавните блуз-стихови, тука се и забавните описи за инспирацијата и процесот на нивното настанување, како и општествените (не)прилики, интимните исповеди и сите негови (не)згоди и пороци.

„Некаде во моите рани тинејџерски години, татко ми, големиот ’маестро‘ Џамбазов, тогаш сè уште активен како композитор и аранжер, постојано учествуваше на конкурсите за големите фестивали, кои во тоа време ги имаше во секој поголем град од тогашната федерација, и сè повеќе имаше потреба од добри текстови за своите композиции. А текстописци имаше сè помалку и помалку. И еден ден… реши да ми даде шанса. А јас… не ја пропуштив.

Оттогаш наваму напишав илјадници стихови. За сè и сешто. За детски композиции, театарски сонгови, стихови за моите колеги-актери, за рекламни кампањи, радио­реклами, новогодишни претстави, текстови за ’народњаци‘, рокери, текстовите за сонговите од легендарната претстава ’Женски оркестар‘, а во последните дваесет и пет години стихови за моите песни, за мојот блуз-бенд, како и за најголемите поп-пејачи и групи на нашево музичко небо. За ’Нокаут‘, Тамара, Тијана, Каролина, Ребека, Калиопи, Елена, но и за многу млади и сè уште неафирмирани пејачи.

Фото: М.Златевска (СмартСДК)

Пријателе мој, во оваа книга ќе најдеш стихови кои навистина успеале да опстанат во ова време во кое инвазијата од кичот и шундот достигна кулминација. Ќе најдеш ’хитови‘ кои публиката и денес ги пее наизуст на моите концерти, но ќе најдеш и за тебе наполно непознати текстови кои се нашле тука само затоа што ми се мене посебно драги. На крајот ќе најдеш и некои стихови кои јас нескромно ги сместувам во графата – ’поезија‘.

Кога почнав да ја подготвувам оваа книга сфатив дека повеќето од насловите на моите песни личат на улични графити. Затоа и ја нареков книгата вака –’Улица Диши длабоко‘“, објаснува Игор Џамбазов.