Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Божиќните и новогодишните празници денес се значително поразлични отколку што биле пред неколку века. Во прилог ви нудиме пет такви луди примери кои го потврдуваат тоа.
Папата Јулиј I уште во четвртот век го прогласил 25 декември како ден на Исусовото раѓање. До крајот на осми век традицијата за одбележување на Божиќ како верски празник се раширила низ цела Европа. Денес овој празник се одбележува генерално мирно, во домашна атмосфера.
Но, не било отсекогаш така. Не така „досаден“ и „монотон“ Божиќ имале луѓето кои го чествувале истиот во Средниот век.
Песна и алкохол
Иако песната и алкохолот и денес се во некои домови составен дел од божиќната прослава, во англо-саксонската традиција тоа се правело на малку поинаков начин. Имено, чествувачите кои оделе од врата на врата, пееле божиќни песни и со себе носеле wassail, алкохолен пијалок од јаболка, кој го нуделе во замена за подароци. Иако денес во некои земји уште постои традиција на пеење божиќни песни од врата на врата, алкохолот се остава дома.
Дарување на богатите
Иако денес подароците се составен дел од божиќниот дух, во среден век божиќниот период се користел за експлоатација на сиромасите. Европските кралеви и кралици барале од своите поданици да им подаруваат подароци во спомен на тоа како трите мудреци (кралеви) го дарувале малиот Исус. Наскоро подароци од сиромасите почнале да бараат и пониските благороднички сталежи, а сиромасите, кои немале ништо, ништо не ни добивале за возврат. Според легендата, во десетти век, чешкиот војвода Вјенцeслав I, кој подоцна бил прогласен и за светец, прв за време на Божиќ почнал да дели храна, облека и огрев за греење на сиромасите.
Коцкање
Како што сакале да пијат и да пејат, верниците во среден век, како дел од божиќната традиција, обожавале и да се коцкаат. Во игрите учествувале и возрасните и децата, а се приклучувале и оние кои преку остатокот од годината не ни помислувале на такво нешто. Најпопуларни игри биле оние со коцки, а се играло на секаква рамна површина, вклучително и на црковните олтари.
Крими сцени
Добро, можеби не онакви крими сцени какви имаме денес, но во време на средновековниот Божиќ, клериците се ставале во улога на актери и на старолатински изведувале разни библиски приказни. А како што знаеме, во Библијата има сè и сешто. Меѓу најпопуларните биле оние кои се занимавале со убиства и заговори, како на пример, поморот на кралот Ирод.
Жртвување диви свињи
Ако ви здосадле денешните божиќни гозби и јадења, еве ви предлог за божиќен ручек (нема да им се допадне на вегетаријанците и веганите, знаеме и им се извинуваме). Луѓето во среден век жртвувале диви свињи и ги подготвувале за божиќната трпеза. Но, имало многу луѓе кои не можеле да најдат или да си дозволат дива свиња, па се гоштевале со пита во форма на свиња.
***