Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Со евентуално активирање на членот 7 од Лисабонскиот договор, потег кој сака да го направи Европската комисија, ќе се иницира процедура против Полска поради, како што се наведува, спорните реформи на правосудниот систем во таа земја.
Мерката би можела да доведе до санкции без преседан, при што Брисел сака да ја задржи таа своја членка на демократскиот пат.
Нарекуван „нуклеарна опција“, членот 7 никогаш досега не бил покренат против ниту една членка на ЕУ, а претставува знак на сериозна загриженост поради новите полски закони во судството. Одлуката за активирање на членот 7, која уследи како реакција на повеќе закони кои десничарската партија на Правото и правдата ги донесе за време на две години откако се на власт, а со што стекнаа поголема контрола над правосудниот систем, би можела Полска да ја лиши од гласачките права во ЕУ.
Сепак, ваквиот чекор се смета за малку веројатен, затоа што бара земјите членки едногласно да одлучат, а унгарската влада веќе најави дека ќе го блокира таквиот потег.
„Во текот на минатите две години, во Полска се усвоени 13 закони кои ја променија целосната структура на правосудниот систем. На извршните и на законодавните институции системски им се овозможува политички да се мешаат во судството“, се вели во соопштението на ЕК.
Потпретседателот на ЕК Франс Цимерман кој имаше разговори со полската влада предводена од партијата за Право и правда, рече дека нема друга опција бидејќи целата структура беше погодена.
„И покрај обидите за дијалог, ние сме фрустрирани дека не сме го постигнале тоа што го сакаме, така што го охрабруваме Советот и Парламентот да не поддржат“, вели Франс Цимерман – потпретседател на ЕК
ЕК сега треба да поднесе барање до членките на ЕУ да прогласат „јасен ризик од сериозно кршење на владеењето на правото“ во Полска, што е предупредување, односно превентивна мерка која треба да биде одобрена од 22 земји членки на ЕУ. Полскиот премиер Матеуш Моравјецки соопшти дека е подготвен да разговара со ЕК за владеењето на правото во неговата земја.