Во 2018 Путин ќе се кандидира за претседател како независен кандидат


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Актуелниот руски претседател Владимир Путин, во изјава за медиумите, откри дека на претседателските избори во март, 2018 година, за претседателската функција ќе се кандидира како независен кандидат.

На претходните избори во 2012 година, кога стапи на функцијата претседател на Русија, Путин беше претседателски кандидат на владејачката Единствена Русија.

„Јас ќе бидам независен кандидат, но, секако, очекувам поддршка од политичките субјекти, партии и организации што ги делат моите погледи за развој на државата. И, воопшто, сметам на широка поддршка од граѓаните“, изјави Путин на годишната конференција за медиумите.

Одговарајќи на прашања за отсуството на сериозни противкандидати на изборите, тој истакна дека политичката средина во Русија треба да биде конкурентна, но дека тој самиот не може да ги воспитува конкурентите.

Според неговите зборови, во Русија не се појавила сериозна опозиција која ќе може да понуди програма за развој на државата.

„Кога зборуваме за опозицијата, не е важно само да се прави врева по плоштадите, да се оди по кулоарите и да се зборува за антинароден режим, туку важно е и нешто да се понуди“, рече Путин.

Рускиот претседател вчера почна со одговорите на прашања на 12-тата годишна конференција за новинари во Москва, на која се акредитирале рекордни 1.640 претставници на медиумите.