Револт во југоисточна Македонија: Почнува минирањето за Казандол


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Инвеститорот во рудникот Казандол упати известување до граѓаните на општина Валандово дека денес, среда, 13 декември, започнува со минирањето предвидено за рудникот, а соопштението било пренесено преку радио Валандово.

Граѓаните од југоисточниот регион не можат, а да не се запрашаат дали нивниот граѓански отпор бил залуден, исто како и организираните референдуми. Исто така, најавуваат дека ваквите активности нема да бидат мирно прифатени од граѓаните на Валандово, Гевгелија, Дојран, Богданци и останатите засегнати места од регионот.

При средба со жители од Валандово, премиерот Зоран Заев вети дека изградбата на рудниците ќе запре, затоа што го загрозува здравјето на граѓаните, но и идните генерации од југоисточниот регион.

Градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов, изјави дека не ја исклучува можноста за граѓанска непослушност доколку продолжи изградбата, бидејќи, како што самиот кажа, тој бил дел од граѓанските иницијативи против овие рудници уште од самиот почеток.

Она што се наведува како главен проблем се потпишаните договори со инвеститорите, но и неодлучноста на централната власт по ова прашање.

Токму поради ова, минатата недела се одржаа два паралелни протести за спас на југоисточниот регион и тоа еден во Валандово и уште еден пред Владата во Скопје. Во прашање се доведени здравјето и судбините за околу 400.000 жители.

На протестот во Валандово се приклучија и активисти од Грција, бидејќи сметаат дека и тие се загрозени доколку проработи рудникот Казандол.

Според достапните информации, концесионер на Казандол е „Сардич МЦ“, која што е дел од „Копер Инвестмент“, а инвестицијата ја најави поранешниот премиер Никола Груевски во 2013 година, првично најавена како англиска, па англиско-украинска, за на крај да остане само на украинска.