Трамп го призна Ерусалим за главен град на Израел, Арапите гневни на тоа, светот на нозе


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Со официјалната одлука за признавање на Ерусалим за главен град на Израел, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека започнува процесот на преместување на американската амбасадата од Тел Авив. Ваквиот чекор предизвика негативна реакција во поголем дел од светот.

„Ерусалим не е само срцето на трите големи религии, сега е и срцето на една од најуспешните светски демократии“, рече Трамп. „Во текот на изминативе седум децении, Израелците изградија држава каде што припадниците на јудаизмот, муслиманите, христијаните и луѓето од другите религии живеат слободно и можат да се молат според нивните сопствени верувања.“

Тој истакна дека САД „остануваат длабоко посветени на мировен договор кој ќе биде прифатлив за „Израел и Палестинците. Имам намера да сторам сè што е во моја моќ за да помогнам во постигнување на таков договор“, рече Трамп.

Британската премиерка Тереза Меј не се согласува со одлуката на Доналд Трамп да го признае Ерусалим за главен град на Израел, затоа што смета дека таквата одлука на американскиот претседател нема да придонесе за мирот во регионот.

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш изјави дека нема алтернатива за дводржавно решение помеѓу Израел и Палестина и дека Ерусалим е прашање кое што треба да биде решено во директни преговори за конечниот статус.

И Европската унија изрази сериозна загриженост, наведувајќи дека одлуката на Трамп би можела да има реперкусии по мировната перспектива во регионот: „Аспирациите на двете страни мора да бидат исполнети и мора да се најде начин преку преговори да се реши статусот на Ерусалим како идна престолнина на двете држави“, порача шефицата за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини.

Претседателот на Индонезија, Јоко Видодо, лидер на најголемата муслиманска земја, ја осуди одлуката на САД да го признаат Ерусалим за престолнина на Израел.

– Индонезија најостро ја осудува одлуката на САД еднострано да го признаат Ерусалим за престолнина на Израел и бара оваа земја да ја преиспита својата одлука. Тој потег може да ја разниша општата безбедност и стабилност – рече Видодо.

Премиерот на Малезија, Наџиб Разак, ги повика муслиманите во светот да се спротивстават на признавањето на Ерусалим за главен град.

Портпаролот на владата на Јордан, Мохамед ел Мимани, соопшти дека официјален Амам ја отфрла едностраната одлука на САД, нарекувајќи ја ништовна затоа што ја консолидира окупацијата на Израел во источниот дел на спорниот град.

Јорданскиот крал, Абдула Втори, изразил загриженост во телефонскиот разговор со Трамп, истакнувајќи дека игнорирањето на правата на Палестинците, муслиманите и на христијаните во Ерусалим може да предизвика ширење на екстремизмот.

Турското министерство за надворешни работи го оцени потегот на Трамп за „неодговорен“ и го повика Вашингтон да ја преиспита одлуката.

Истовремено, ирачката влада побара од САД да ја повлече одлуката за признавање на Ерусалим за престолнина на Израел за да се избегне распламтување на тероризмот.

И Египет ја отфрли одлуката на САД за преместување на амбасадата во Ерусалим, соопшти египетското министерство за надворешни работи и додаде дека одлуката на Трамп да го признае Ерусалим за главен град на Израел не го менува правниот статус на градот.

Министерството за надворешни работи на Иран соопшти дека Техеран сериозно ја осудува одлуката на САД, која, како што се наведува, ја крши меѓународната резолуција.

Саудиска Арабија исто така изрази противење на одлуката на Трамп, притоа истакнувајќи дека тој „ги провоцира чувствата на муслиманите“.

И Катар оцени дека одлуката за преместување на американската амбасада во Ерусалим претставува „опасна ескалација и смртна казна за сите кои сакаат мир“. Либан предупреди дека одлуката на Трамп претставува закана за мировниот процес и за стабилноста во регионот.