Една година од трагедијата на Шапекоенсе


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Датумот 28 ноември ќе биде забележан како еден од најтрагичните во фудбалската светска историја. Минатата година на денешен ден во авионска несреќа во близина на Меделин во Колумбија настрада речиси целиот тим на Шапекоенсе.

Фудбалерите на Шапекоенсе требаше да му гостуваат на Атлетико Насионал во првиот финален натпревар во Копа Судамерикана, кога нивниот авион се урна недалеку од местото каде што требаше да слета.

Во трагичната несреќа со падот на авионот, загинаа 71 човек од 77 колку беа вкупно во авионот, од нив загинаа 19 играчи на Шапекоенсе.

Трагедијата ја преживеаја фудбалерите Нето, Алан Рушел и Џексон Фолман, а покрај нив и новинарот Рафаел Хенцел, стјуардесата Химена Суарез и авиотехничарот Ервин Тумури.

По долгиот период на рехабилитација Рушел повторно игра фудбал, а на добар пат е истото да го направи и Нето, додека голманот Фолман остана без дел од ногата и повеќе нема да може да игра фудбал.

Откако на зелена маса беа прогласени за освојувачи на Копа Судамерикана, Шапекоенсе играше и во Копа Либертадорес, а неодамна три кола пред крајот, избори опстанок во бразилската Серија А.

И додека Шапекоенсе како „феникс се крена од пепелот“, се уште не се јасни причините поради кои падна авионот. Авионот на летот со број 2993, летал со минимално количество на гориво и требало да слета во Санта Круз во Боливија за да ги дополни резервоарите. Сепак тоа не било направено иако истата авиокомпанија „Ламиа“, сличен проблем имала и претходно и тоа на летот во кој се наоѓала репрезентацијата на Аргентина.