Топ 5 намирници за успешно „преживување“ на мамурлакот


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Според некои тврдења, ладната пица или масниот сендвич со сланина можат да ги намалат интензивните и непријатни ефекти на мамурливата состојба, а постојат и научни докази дека одредени намирници сосема добро го лечат мамурлакот.

Кој барем еднаш ја претерал со чашката навечер, знае кои се последиците кои го пречекале утрото во мамурна состојба – мачнина, чувствителност на светлина, главоболка, течна столица и намалување на моторните способности. Сите тие симптоми се последица на хормонални промени во телото и хемиски реакции предизвикани од токсините во алкохолот.

Кога ќе се разбудите и имате чувство дека главата ќе ви експлодира, прво треба да внесете нутриенти како фруктоза, витамини, минерали, кои ќе ви помогнат во исфрлањето на вишокот токсини и ќе ја намалат негативната реакција на алкохолот.

Затоа, пред да се впуштите во некоја вечерна пијанка после која со сигурност ќе ги трпите последиците, имајте си ги на ум овие пет намирници кои ќе ви помогнат да го „преживеете“ утрото.

Вода

Алкохолот е диуретик кој ги „брка“ течностите од телото и го дехидрира организмот. Кога не преостанува ништо друго, телото почнува да зема вода од единствениот извор кој му останува на располагање, мозокот, поради што настанува фамозната и омразена главоболка на мамурлакот.

Пиењето вода пред спиење (но и за време на пиење алкохол) може да ги спречи негативните утрински последици како главоболка и дехидрираност. Еднакво важно е да пиете вода и утрото после бурната вечер.

Спортски напитоци, кокосова вода

Внесувањето на слатки спортски пијалоци во организмот ги враќа потребните електролити кои сте ги изгубиле поради преголемото количество консумиран алкохол. Кокосовата вода има дури 5 електролити кои ги има и во човечката крв, додека спортските напитоци имаат само два.

Ѓумбир или чај од мента

За смирување на тегобите во желудникот и нагонот за повраќање, најдобро е да пиете чај од мента или да џвакате листови мента. Еднакво ефикасно решение за отстранување на мачнината е чај од ѓумбир или ѓумбир во било која друга форма – свеж, сушен, сок од ѓумбир.

Банана

Во борбата против утринскиот мамурлак од голема помош може да биде бананата која е богата со калиум и магнезиум, најзначајните електролити кои се губат при консумирање алкохол.

Мрсна  храна

Иако чинијата преполна со масна храна ден после претерувањето со алкохол може и нема да ви биде најпривлечна идеја, јадењето храна со вишок на масноти може да го намали ризикот од мамурлак.

Поздрав пристап би бил избор на храна со висок степен на здрави масти како: маслиново масло, лосос или авокадо.

Топ 3 намирници кои треба да ги избегнувате

Алкохол

Кога некои ќе ви речат дека „чивија со чивија се вади“, нека ви текне дека тоа значи внесување на дополнителни количества на алкохол. Ако не сакате да си ја продолжите агонијата, не посегнувањето по „чивијата“.

Кафе

Исто како и алкохолот, и кафето е диуретик. За да спречите дополнително дехидрирање на организмот, избегнувајте кафе.

Сок од портокал

Дополнително го иритира желудникот и е лош избор кога сте мамурни.

И сега, на крајот некако по инерција следува и најбитниот совет поврзан со мамурлакот – ако не сакате да сте наутро мамурни, не претерувајте навечер со пијачките.