Расплет на шпионскиот трилер: Дали Грујевски и Бошковски водат до нарачателите на прислушкувањто?


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


По речиси три месеци бегство, поранешните функционери во УБК, Горан Грујевски и Никола Бошковски беа уапсени во Солун. Тие биле уапсени од грчката полиција која постапувала по меѓународната потерница која ја објави МВР откако не ги пронајде во нивните домови. Грујевски и Бошковски се префрлени во истражен затвор, каде ќе ја чекаат постапката за екстрадиција.

На поранешниот началник на Петта управа Грујовски и поранешниот вработен во УБК, Никола Бошковски им беше одредена мерката притвор на 18 јули, откако Врховниот суд по неколкудневно пролонгирање им го потврди притворот што претходно го одреди Кривичниот суд, а го потврди и апелација. Информацијата за одредениот притвор во јавноста излезе неколку часа пред МВР да го добие налогот од судот, што според полицијата им дало доволно време на Грујевски и Бошковски да побегнат. Од МВР рекоа дека чекале налогот да стигне до нив за да ги приведат обвинетите, а од судот тогаш не одговорија зошто им требало толку време да ги достават налозите до полицијата. Ова го отвори и прашањето дали треба да се бара одговорност од судиите кои одлучувале за притворите на Грујевски и Бошковски. Советот за факти побара истрага за утврдување одговорност и од кривичниот суд го доби комплетниот предмет Таргет-Тврдина.

По бегството, полицијата пребаруваше локации во неколку градови. Нивните мобилни телефони беа пронајдени во нивните домови што ја оневозможи полицијата да ги лоцира преку сигналот. Службениот пиштол марка „Глок“ кој поранешниот началник на 5-тата Управа Горан Грујевски го користел со години беше вратен во МВР две недели откако тој избега. Неговата сопруга доброволно го предала на полицијата. Две недели МВР не можеше да го одземе службеното оружје, бидејќи семејството барало судски налог, кој Кривичниот суд не го одобрувал. Кривичен тогаш не образложи зошто порано не бил даден налогот за одземање на оружјето.

Кој им помогна да побегнат?

Се појавија информации дека е можно двајцата поранешни функционери во Управата за безбедност и контраразузнавање да добиле помош при бегството од свои колеги. Од МВР не открија детали, но Министерот за внатрешни работи изјави дека се водат постапки кои ќе откријат кој го овозможил бегството на Грујевски и Бошковски.

„Очигледно е дека овде станува збор за еден сплет на околности, на поврзаности меѓу јавното обвинителство, меѓу судството и меѓу структурите на поранешната власт кои што дозволија бегање односно напуштање на државата на овие две лица и за тоа верувајте дека се водат соодветни постапки и ќе дојдеме и до други лица кои сигурно го озвозможиле тоа и за кои треба да се покрене сериозна одговорност“, изјави министерот Оливер Спасовски кога даваше отчет за 100 дена Влада.

Досега се уште не е обелоденето дали МВР ги лоцирало помагачите на бегалците во своите редови, ниту колкумина од нив биле вмешани.

Двоен идентитет

Горан Грујевски имал двоен идентитет и друг пасош на име Владимир Варелов. Познавачите тогаш појаснија дека лица вработени во УБК може да имаат лажен идентитет за потребите на одреден случај, но по затворање на случајот, службеното лице треба да го врати лажниот пасош. Инаку, вистинскиот Владимир Варелов е од Велес и е вработен во Единицата за брзо распоредување. Грујевски само неколку дена пред да му биде потврден притворот, неколкупати ја напуштил и влегол во државава со тајниот идентитет. Според нашите извори, Горан Грујевски како Владимир Варелов повеќе пати влегол во Србија и Бугарија. Грујевски не го искористил тајниот идентитет откако за него важи мерката притвор и е распишана меѓународната потерница. По обелоденувањето дека поранешниот началник на петтата управа во УБК поседува двоен идентитет, во медиумите беше лиферувано дека ја напуштил државава и дека е можно да се наоѓа во Босна и Херцеговина.

СЈО го истражува имотот

Откако поранешните функционери од УБК се дадоа во бегство, СЈО почна да го чешла нивниот имот. Информации за имотната состојба на поранешниот началник на 5-та Управа Горан Грујевски и неговиот колега Никола Бошковски, СЈО прибира од УЈП, катастар и банки. Доколку обвинителите на Катица Јанева регистрираат дека нивната имотна сосстојба и имотот на блиското семејство пораснало откако стапиле на функција, може да им се стави на товар уште едно кривично дело – незаконско богатење.

Според доказите на СЈО тие направиле штета врз државниот буџет од 1,4 милиони евра уништувајќи еден од системите со кој се прислушувало во МВР. Врз основа на штетата СЈО може да побара и замрзнување на имотот.

Судот прифати да им се суди во отсуство

На втори месецов почна главната расправа во предметот „Тврдина 2“ за незаконското уништување на опремата за прислушување. Судот прифати на обвинетите да им се суди во отсуство. Сведоци и вработени во МВР кои ги предложи Специјалното обвинителство потврдија дека документите биле запалени во близина на скопски Петровец, по наредба на комисијата која ја формирал началникот Горан Грујевски. Но, како што изјавија, ниту еден од нив не знаел што има во кесите. Спакувани во црни кеси илјадници докази поврзани со нелегалното прислушување завршиле како прав и пепел во Брест. Една од обвинетите секретарки во УБК со својот исказ направи пресврт во случајот „Тврдина 2“. Вели дека била наместена од нејзините колешки кои наводно ја убедиле да се потпише на документи кои ги потпишувале и останатите секретарки. Обвинетата секретарка во СЈО дала сосема различна изјава. И СЈО и одбраната предложија дополнување на листата со докази, а судијката реши да го одложи судењето за 2 ноември. СЈО предлага како доказен материјал да се користат договорите за набавка на системите за прислушување заедно со техничката спецификација. Адвокатите пак, чекаат од УБК декласификација на информации кои ќе станат докази.

Сепак, со најновите случувања, односно со приведувањето на Грујевски и Бошковски можно е на следното рочиште тие да седнат во судница.

Грујевски и Бошковски се обвинети од СЈО за нелегално прислушување илјадници граѓани преку злоупотреба на системите за следење во МВР и за физичко уништување на системите со кои се прислушувало за да нема докази за масовното кршење на човековите слободи и права. Предметите на Специјалното обвинителство „Тврдина“ и „Таргет“ се споени во еден предмет.

Апсењето на поранешните функционери во УБК, Горан Грујевски и Никола Бошковски и нивното спроведување пред лицето на правдата би можело да биде вовед во разоткривањето на целата криминална мрежа на масовното прислушување.