Политичко убиство среде ЕУ? Убиена новинарката која ја водеше истрагата за корупцијата на Малта во Panama Papers


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Новинарката Дафне Каруана Галиција (53), која ја поведе истрагата Panama Papers со која беше откриена корупциската афера на Малта, но и најголемиот корупциски скандал во светски рамки и вмешаноста на политичари и високи државници во „офшор“ бизниси, вчера беше убиена во експлозија на бомба која беше поставена на нејзиниот автомобил „Пежо 108“ во близина на нејзината куќа, пренесува Guardian.

Според информациите, експлозијата била толку силна што возилото било разнесено на неколку делови кои се разлетале по блиското поле.

Блогерката се наведува дека со својата работа им пречела како на властите, така и на ликови од подземјето на најмалата држава во Европа.

Нејзиното најново откритие го сврте вниманието на премиерот на Малта, Џозеф Мускат, како и на двајца негови најблиски соработници. Според медиумските наводи, сите биле поврзани со „офшор“ компании и продажба на пасоши од Малта, како и уплати на владата од Азербејџан.

Уште никој нема преземено одговорност за експлозијата на бомбата во која настрада Галиција.

„Во овие моменти, додека земјата е во шок поради таквиот ужасен напад, ги повикувам сите да внимаваат на своите зборови, да не префрлаат вина и да не осудуваат и да покажат солидарност“, порача претседателката на Малта, Мари Луиз Колеиро Прека, додавајќи дека се обратила до безбедносните служби за помош при идентификација на телото. „Сите знаат дека Галиција беше мој остар критичар, колку политички, толку и лично, но никој не може да го оправда ваквиот варварски чин на било кој начин“.

После изборите кои беа одржани ова лето, политичите аналитичари стравуваа од враќање на политичкото насилство кое ја погоди Малта во текот на ’80-те години од минатиот век.

Поединечни политичари наведоа дека убиството несомнено е поврзано со извештаите на Галиција, а според написите од локалните медиуми, таа пред 15 дена во полиција пријавила дека добива смртни закани.

Новинарката својата последна објава на блогот ја објави вчера во 14:35 часот, а експлозијата која се случи во близина на нејзината куќа, беше пријавена непосредно после 15 часот. Од полицијата соопштуваат дека уште не е идентификувано телото, а според други извори, експлозијата ја слушнал и еден од тројцата нејзини сина кој бил дома, па истрчал на лице место.

Галиција, која тврдеше дека нема политички врски, имаше повеќе теми за кои сакаше да пишува, од банките кои овозможуваат перење пари, до поврзаноста на „онлајн“ коцкарската индустрија од Малта со мафијата. Во текот на изминатите две години, нејзините извештаи во најголем дел беа насочени кон откривање на фамозните Panama Papers; документи кои беа објавени од интернет базата на четвртата најголема „офшор“ правна фирма на светот, Mosak Fonseka. Информациите ги доби германски новинар од весникот Süddeutsche Zeitung, кој ги сподели со медиумските партнери ширум цела планета, меѓу кои и Guardian, преку Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари (ICIJ). Инаку, синот на Галиција, Метју Каруана Галиција, исто така е новинар и програмер кој работи за ICIJ.

Претходно оваа година, додека Малта претседаваше со Европската унија, работата на Галиција предизвика голема загриженост во Брисел. Членовите на Европскиот парламент отворено повикаа на оставка од премиерот на Малта, Џозеф Мускат, после големиот скандал во кој беше вплетката неговата сопруга, фиктивна компанија на Панама и исплати на ќерката од претседателот на Азербејџан. Мускат ги демантираше обвинувањата и вети дека ќе се повлече доколку некој ги докаже наводите од Галиција.

Дознавајќи за убиството на Галиција, германскиот член на Европскиот парламент Свен Гиголд, водечка личност во истрагата на ЕУ поврзана со Panama Papers, изјави дека е шокиран и тажен.

Тој додаде дека е премногу рано да се каже што ја предизвика експлозијата, но изрази очекување дека истрагата ќе биде темелна, нагласувајќи дека „таквите инциденти потсетуваат на Русија на Путин, а не на ЕУ, и дека таквото насилство врз медиумите и кршење на слободата на говорот не смеат да се толерираат“.

Локалните медиуми објавија дека таа неодамна поднесла извештај до полицијата за заканите што ги добивала.

Мускат го осуди нејзиното убиството и го нарече „варварски чин“ и на безбедносните служби им нареди да вложат максимум за да ги фатат одговорните за убиство.

Во својот последен блог, објавен еден час пред убиството, Каруана Галиција повтори дека шефот на кабинетот на Мускат бил крадец, кој го искористил своето влијание за да се збогати, и напиша дека „крадците се насекаде, а ситуацијата е очајна.“

Убиената новинарка зад себе остави сопруг и три сина.

Ниту една група ни поединец сѐ уште не ја презеде одговорноста за нападот врз неа.

Гардијан пишува дека во Малта во последниве години убиствата со автомобил-бомба ги има се повеќе и дека, иако не се идентификувани сторителите, се верува дека насилството е поврзано со споровите меѓу криминалните банди, и дека ниту едно од овие убиства не се смета за политички мотивирано.