Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Фронтот за демократска Македонија – ФРОДЕМ ги повикува сите демократски внатрепартиски сили на обединување на принципиелна основа со цел заеднички да ги спроведат нужните промени. ФРОДЕМ повикува на отворен разговор за новите стратешки, програмски и кадровски постулати кои ќе го возобноват компромитираното и руинирано партиско ткиво.
„Следи период на конкретизирање на одговорноста во ВМРО-ДПМНЕ, период на кадровска промена и демократска трансформација. Лажни промени не смеат да се дозволат. Јасно е дека деспотски назначените кадровски инсталации не можат да донесат промени, нова визија и враќање на власт. Можат да донесат само ново залажување и порази. Ќе донесат купување време кое само ќе ги намножи грешките и сметките. Партијата не може да се рециклира преку стариот поданички материјал. Потребна е реална и коренита промена! Нов тимски приод на работа и раководење, која ќе се потпира на отворена дебата во органите и активна вклученост на кадровскиот потенцијал. Потребна е ефикасна комбинација на стари и нови, чесни и искусни кадри со јасна визија за тоа каде оди Македонија и каква улога треба да има ВМРО-ДПМНЕ и политичките партии“, соопшти движењето.
ФРОДЕМ смета дека на Македонија и е потребна силна и конструктивна опозиција и реална корективна критика на новата власт. Потребна е постојана проверка на исполнувањето на ветеното и бараните европски реформи. Департизацијата на институциите и општеството и забрзана евроатланска интеграција. Ослободување на заробената држава и општествениот потенцијал со цел никогаш да не се повтори авторитарноста. Потребно е брзо враќање на правдата и достоинството на граѓаните и енергично гонење на сторениот криминал.
„Потрошената врхушка го доведе ВМРО-ДПМНЕ до најтежок изборен дебакл. Тежината на поразот на локалните избори е изненадување за сите. Сепак, за упатените во внатрепартиските прилики стрмоглавиот пад на поддршката не изненади. Впрочем, на тоа јасно предупредивме неколку недели пред изборите. Тежината на поразот беше извесен. Само диктатори владеат во застарени, мегаломански мерни едници кои се изразуваат во ери, стари и нови. Нормални демократски земји подразбираат циклуси на смени на владеење и конструктивно опозиционо делување. Иако задоцнета, оставката на Груевски е нужен чин кој е основа на новиот почеток на партијата. Почеток на враќање на изгубениот домашен и меѓународен кредибилитет. Секое тактизирање околу неговата оставка ќе значи дополнителна агонија и разнебитување на партијата. Пазарењето со странските и домашни фактори во смисла ,,Ослободете ме од обвиненија и ќе си заминам” не смее да се случат. Законите мора да важат за сите подеднакво. Секому според стореното зло“, се вели во соопштението.
ФРОДЕМ ги повикува партииите на власт да не заземаат страна во идната внатрепартиска разврска во ВМРО ДПМНЕ. „Оној кој мора да замине можеби најмногу им одговара од аспект на партиско политички комбинаторики, но секој обид за негова привремена заштита ќе биде повторно влегување во ,,чизмите” на Бранко Црвенковски“, се вели во соопштението.