Бизарна теорија: Тврди дека 297 години од историјата на човештвото се чиста измислица


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Според теоријата за фантомско време, Карло Велики никогаш не постоел, баш како и 297 години од нашата ера во рамки на историјата на човештвото. Според поборниците за оваа теорија, овие нешта се целосна измислица.

Во свет во кој човештвото не може да се согласи речиси за ништо, човек би помислил дека сите се сложуваме и сме во право кога велиме дека моментално ја живееме 2017-та година од новата ера. Но, со тоа не би се согласил германскиот историчар Хериберт Илиг, кој тврди дека во моментов сме 1720 година, истовремено тврдејќи дека грегоријанскиот календар е целосна лага и дека голем дел од Средниот век е во целост измислен.

Илиг тврди дека не е луд, како и дека има археолошки докази кои ја потврдуваат оваа негова бизарна теорија која ја претставил уште во 1991 година, а која ја нарекол „хипотеза за фантомското време“. Илиг тврди дека околу 1000-та година, тројца светски владетели сковале заговор за да го променат системот на сметање на текот на времето.

Неговата теорија оди вака некако: Силвестер II, светоримскиот цар Ото III и византискиот Константин VII го промениле календарот за да испадне дека Ото III своето владеење го започнал во 1000 година од новата ера, а не во 996. Зошто? Затоа што 1000 звучи помоќно. Ова трио, потоа, фалсификувајќи постоечки документи измислувало настани и луѓе кои ќе одат во прилог на нивната нова приказна. Илиг тврди дека Карло Велики не бил првиот владетел, туку само лик од легендите, сличен на оној од кралот Артур. Тој појаснува дека со овој фалсификат на календарот се измислени 297 непостоечки години во историјата на човештвото.

Зошто никој освен него не го забележал досега тоа? Илиг вели дека за тоа можеме да го обвиниме погрешниот систем на датирање на средновековните артефакти, како и преголемата доверба во пишаната историја. За него е спорен периодот помеѓу 614 и 911 година. Илиг смета дека пред 614 и после 911 година се случиле еден куп важни и возбудливи историски настани, а периодот помеѓу овие две години е ужасно досаден.

Вели дека и математичките разлики помеѓу јулијанскиот и грегоријанскиот календар придонесле за фалсификување на историјата.

Меѓу доказите, Илиг ги приложува и фактите дека римската архитектура која спаѓа во 10 век е премногу модерна за периодот во кој се смета дека е настаната.

Без оглед на тоа колку оваа теорија е бизарна и сомнителна, Илиг сепак успеа да најде луѓе кои ќе му веруваат, па така, и еден германски историчар објави книга во која ја заговара теоријата дека 300 години од Средниот век воопшто не постоеле. Сепак, многу е поголем бројот на историчари кои одлучија да стават крај на ова лудули, па како докази приложија документирани затемнувања на Сонцето и документирани историски настани од сите страни на светот кои го потврдуваат постоењето на „непостоечките“ 297 години човечка историја.