Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Норвешкиот државен инвестициски фонд достигна вредност од 1 трилион долари за првпат по неговото основање во 1990-те, што значи дека секој граѓанин на земјата поседува повеќе од 200 илјади долари.
Формиран за да ги менаџира приходите од норвешките нафтени резерви, инвестицискиот фонд на државата достигна вредност од 1 трилион долари (0,8 трилиони евра) во вторникот благодарение на растот на берзите ширум светот и курсот на водечките светски валути во однос на американскиот долар.
Теоретски, секој жител на 5,3 милионската Норвешка сега поседува делче од фондот во вредност од околу 189 илјади долари. Сепак, оваа заштеда е пред сѐ наменета за финансирање на социјалната држава кога еден ден ќе пресушат нафтените извори. Дотогаш, владата смее од фондот да повлекува само онолку колку што се очекуваните финансиски добивки, сооднос кој неодамна беше намален од 4 на 3 проценти.
Ингве Слинстад, главен менаџер на одделот за инвестициски менаџмент во Норвешката централна банка, оценува дека вредноста на фондот е неверојатна и голем чекор напред за нордиската држава. „Мислам дека никој не очекуваше фондот да достигне сума од 1 трилион долари кога беше направен првиот трансфер во мај 1996 година“, вели тој.
Фондот расте со неверојатна брзина, а вредноста на средствата порасна за 13 пати од 2002 година. Започна со инвестирање само во обврзници, но во меѓувреме околу 65 проценти од капиталот е во акции. Фондот има удели во речиси 9,000 компании, поседува 1,3 проценти од светската пазарна капитализација, и 2,3 проценти од европската.
Сепак, се јавува и загриженост поради тоа што владата користи средства од фондот во сопствениот буџет. Минатата година, за првпат, владата започна да повлекува повеќе средства од фондот одошто вложуваше во него, откако паднаа приходите поради ниските цени на нафтата. Неофицијалното правило да се користи само 4 проценти од вредноста на фондот годишно, во меѓувреме, е спуштено на 3 проценти, но многумина се сомневаат дека и тоа е многу.