Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Кочо Анѓушев, потпретседателот во Владата, најбогатиот функционер во Кабинетот на Зоран Заев е единствениот кој се откажа од својата плата од 81.000 денари и рече дека ќе ја донира во хуманитарни цели, како гест на добра волја дека парите не му се неопходни. Но, и натаму ќе конкурира на сите тендери со неговата фирма „Фероинвест“ кога ќе има бизнис интереси.
Денеска на прес конференција излезе раководството на „Фероинвест“и бизнис партнерите на Анѓушев кои соопштија дека се било законски во последниот тендер на ЕЛЕМ, вреден 2,6 милиони евра, каде фирмата на Анѓушев беше една од понудувачите и имала најдобра понуда и најниска цена.
Управителот на „Фероинвест“ Ратко Ѓорѓиоски, рече дека тендерот бил распишан на 27 февруари оваа година. Понудата од„Фероинвест“до ЕЛЕМ била поднесена на 13 април. Во тој период Анѓушев е управител во фирмата, а новата Влада се уште не е формирана. На 25 јуни Анѓушев се повлекува од сите фирми каде бил управител, но и натаму останува сопственик.
На 3 јули се одржала првата аукција за тендерот на ЕЛЕМ, а потоа и втора на 8 август која била поништена поради жалби на некои од фирмите понудивачи. На двете аукции „Фероинвест“ понудила најниска цена, вели Ѓорѓиоски. Договор со „Фероинвест“ се уште не е склучен, бидејќи треба да се одржи трета аукција, на која како што денес беше соопштено, фирмата на Анѓушев повторно ќе конкурира.
Ѓорѓиоски изјави дека „Фероинвест“ постои 14 години, а досега добила повеќе тендери во земјава. Последен пат кога „Фероинвест“ добила бизнис зделка било во 2014 година. Тој не сакаше да каже колкава е сумата на досегашните договори кои ги склучила групацијата, ниту пак колкава ќе биде добивката од последниот тендер на ЕЛЕМ.
„Остварениот профит во овој момент не го знам, тоа го знаат стручните служби кои ги определуваат цените со кои се конкурира на тендерот“, рече Ѓорѓиоски.
Тој додаде дека тоа што Анѓушев сега е вицепремиер не ја менува конкурентската позиција на „Фероинвест“.
„Коментарите на определени политички партии нема да ги коментирам, но можам да ви кажам дека согласно Законот за спречување на корупција и Закон за спречување на судир на интереси, сопственичката структура не е во никаква незаконска констелација со управувањето на „Фероинвест“ и со конкурирањето на било кој тендер. „Фероинвест“ ќе учествува на сите тендери каде има деловен интерес, бидејќи во групацијата се вработени 800 луѓе и има склучено договори не само тука, туку најголем дел во странство и тие треба да се почитуваат. Затоа секоја алузија за содружничката структура на вицепемиерот ја сметам за злонамерна и излишна“, изјави управителот Ѓорѓиоски.
Вчера и самиот Анѓушев изјави дека нема конфликт на интереси, законот не е прекршен, бидејќи тој е сопственик, а не и управител на компанијата. Тој рече дека не чувствува никаква морална одговорност, бидејќи за нема ништо спротивно на законите за последниот тендер.
Инаку, последниот тендер на ЕЛЕМ каде „Фероинвест“ понуди најниска цена е за производство на гумени транспортни ленти за потребите на РЕК Битола. Рамковната вредност на тендерот е 4 милиони евра, а на конкретниот договор 2,6 милиони евра. Кочо Анѓушев во 2013 година беше меѓу петте најбогати македонски граѓани на листата на „Форбс“.
АД ЕЛЕМ денеска до медиумите ги понуди на увид податоците поврзани со текот на целата тендерска постапка до овој момент, бидејќи како што велат таа се уште не е завршена.
Според документацијата ,,Фероинвест” доставил понуда до АД ЕЛЕМ на 12.04.2017 година во 15:37 часот преку Електронскиот систем за јавни набавски (ЕСЈН). Јавното отворање на понудите се одржа на 13.04.2017 година, а евалуацијата е завршена на 29.06.2017 година.
Првата аукција е одржана на 03.07.2017 година за сите 5 лота (одвоени пакети за набавка), а првата одлуката за избор на најповолен понудувач е донесена на 10.07.2017 година
Решение од Државната комисија по жалби за јавни набавки (ДКЖЈН) со кое ја враќа постапката во повторна евалуација е донесено на 28.07.2017 година.
Повторната евалуација е почната по добивање на решението од ДКЖЈН и завршена е на 04.08.2017 година
Втората аукција е одржана на 08.08.2017 година за сите 5 лота, а одлуката за избор е донесена на 15.08.2017 година. На 1 септември 2017 е донесено решение од Државната комисија по жалби за јавни набавки со кое ја враќа постапката во повторна евалуација.