Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Опасноста од опожарување на манастирот Трескавец не е отстранета! Пожарот, кој на 23-ти од предната страна на манастирот беше ставен под контрола во попладневните часови повторно беше активиран. „Пожарите се намерно предизикани!“ – велат надлежните.
И, додека синоќа се служеше вечерна богослужба во црквата во манастирот која го носи името на празникот Успение на Пресвета Богородица, пожарникарите, доброволците од ЈП и граѓаните волонтери се бореа со огнените јазици околу манастирот Трескавец .
„Пожарот од кај Дабница кој беше намерно запален го ставивме под контрола, но повторно беше запален и зеде огромен замаф, па денеска попладене опожари и неколку викендици, овошни и лозови насади во населбата Заград. Во овој момент имаме три активни пожари, во пределот на Трескавец од западната страна, кај Горно село, каде се соочуваме со непристапен терен за гаснење, во Гостиражни, Небрегово и во делот на Сивец. Помош побаравме од ТППЕ – Битола кои ни пристигнаа со неколку пожарникари и возила. Одговорно тврдам дека овие пожари се намерно подметнати, бидејќи се видени лица како палат и бегаат. Ова преминува во безобразлук! Се надеваме на поповолни временски услови, ветрот да не добие друг правец. А, во меѓувреме ќе дежураме со две возила околу манастирот се до завршувањето на целата акција!“, посочи командирот на ТППЕ –Прилеп, Станко Колески.
„За жал повторно се соочуваме со огнената стихија поради несовесни граѓани“, рече градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, кој синоќа го посети Трескавец.
„Ова повеќе нема смисла, луѓето на едно место гаснат, а на три меса се пали пожар во околината на Прилеп. Се прашувам која е целта на овие потпалувачи?! Повторно ги повикувам соодветните институции, шумската полиција, да реагираа и да фатат и да казнат барем едно лице во текот на овој период кој ги потпалува шумите и ја става во опасност целата прилепска околина. Околината на Прилеп гори повеќе од 15 дена, а никој не знае кој е виновникот, кој ги предизвикува пожарите и прави огромни матерјални штети, а не е искулчено и во оваа исцрпеност при постојаната битка со огнот да се повредат и луѓето, па да добиеме и други несакани размери и последици од огнената стихија“, загрижено посочи градоначалникот на Прилеп.
Притоа тој изрази голема благодарност до Претседателот на Р.Македонија, Ѓорге Иванов, кој овозможил вчера утрото АРМ да делуваа со хелихоптери и со „канадери“ каде бил спречен поголем пожар и ширење на огнот.