Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Референдумот во Валандово не го исполни законскиот цензус за да биде успешен. Според првичните и неофицијални информации за да биде легитимен согласно законската регулатива недостасуваат околу 300 гласа. На 24 те гласачки места не излегле потребните 5.072 граѓани со што референдумот во Валндово ќе беше успешен.
Од граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“ тврдат дека вчера регистрирале низа притизоци и закани до граѓаните да не излегуваат на гласачките места и сето тоа биле евидентирано и ќе биде процесуирано до надлежните органи.
„Од ситуацијата на терен забележуваме некои сомнителни ситуации, условно кажано нерегуларности, кои што ги документираме и соодветно ќе доставиме барање за нивно дополнително процесуирање“, вели Борислав Калковалиев од „Спас за Валандово“.
Граѓаните кои ги анкетираше денеска Телевизија 24 на гласачките места во Валандово истакнаа дека на ова општина не и се потребни рудници. Велеа дека ќе има загадување, болести и уништување на земјоделското производство.
„Народот да си го каже своето, на Валандово не му треба рудник Други фабрики нека отвораат, а рудник не. Зошто да биде загаден воздухот, зошто да се раѓаат болни деца?“
„Се зависи од народот. Рудникот ќе ја загрози нашата општина. Ова е земјоделски крај, каде ќе го пласираме производството“, велат анкетираните граѓани.
По Гевгелија, Богданци и Дојран, Валандово беше четвртата општина која на референдум се изјаснуваше за отворање рудници и за работата на комплексот Казандол кој се гради на 3 километри од градот. Но за разлика од претходните три општини овде референдумот не го исполни законскиот праг.