Барселона: Полицијата засилено трага по напаѓачите


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


По двојниот напад во Шпанија, полицијата засилено трага по натамошни учесници или помагачи, веројатно членови на терористичка ќелија која планирала напади од уште поголеми размери, пишува Дојче Веле на македонски.

Во нападот со комбе врз толпата луѓе на познатиот булевар Ла Рамбла во Барселона во четвртокот попладнето загинаа 13 луѓе. Во стотина километри оддалечениот Камбрилс, околу полноќ напаѓачи со автомобил влетаа во група минувачи, при што една жена загина. Во двата напади има вкупно преку 120 повредени. Одговорноста за делото во меѓувреме ја презеде терористичката милиција Исламска држава.

Во четвртокот и петокот се уапсени четворица осомничени, меѓу кои и 27-годишниот Дрис Окабир. Во тек е потрага по соучесник во бегство, 22-годишниот Мароканец Јунес Абујакуб.

По нападот во Камбрилс, полицијата уби петмина осомничени терористи, во нивниот автомобил биле најдени нож и секира, а на себе носеле појаси со експлозив, за кои се испостави дека не е вистински. Од петмината убиени, тројца се млади Мароканци, кои од своето детство живееле во Шпанија: 17-годишниот брат на Дрис Окабир, Муса Окабир, 18-годишниот Саид Алаа и 24-годишниот Мохамад Хуками. Тројцата потекнуваат од малото северношпанско гратче Рипол.

Уште три лица се водат како осомничени, двајца веројатно загинале при непланирана експлозија на материјал за производство на бомби во Алканар, на 200 километри оддалеченост од Барселона, во куќа користена од терористичката ќелија. Првично, се претпоставуваше дека експлозијата е несреќен случај. Во куќата биле пронајдени две тела.

Засилено се трага по уште едно лице. Возачот на смртоносното комбе во Барселона сѐ уште не е идентификуван, иако, според медиумите, тоа е убиениот Муса Окабир.

Нападите се изведени на многу порудиментиран начин од планираниот, истакнува шефот на каталонската полиција, Луис Траперо. По случајната експлозија во Алканар, атентаторите веќе немале доволно материјал за извршување на напади од поголеми размери.
Засега не е јасна првичната цел на напаѓачите.

Настраданите во двата напади потекнуваат од најмалку 35 земји, меѓу повредените има најмалку 13 Германци. Убиените по потекло се од Италија, Белгија, Португалија, Канада, САД и Аргентина.

Шпанскиот крал Фелипе и премиерот Мариано Рахој вчера во Барселона, заедно со илјадници граѓани, присуствува на оддавањето почит на жртвите со минута молк. Рахој ја истакна потребата од зачувување на единственоста на нацијата во такви тешки моменти, со оглед на затегнатите односи меѓу Каталонија и Мадрид.

За време на комеморацијата во Барселона дојде до инцидент откако дваестина десничарски екстремисти, со високо подигнати транспаренти на кои беше испишано „Да нема веќе џамии“ и „Бегалците не се добредојдени“, се степаа со учесници на манифестацијата на оддавање почит на жртвите.