Бунарите го спасија Прилеп од недостатокот на вода


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Бунарите кои беа избушени во периодот од 2010 до 2014 година со помош и средства на Владата и Министерството за транспорт и врски овие денови кога имаше големи временски непогоди и огромни горештини го спасија Прилеп од недостатокот на вода за пиење.

Проектot беше наречен „Бунарски постројки Бегова ливада“ и тогаш беа избушени 10 нови бунари, вклучувајќи ја тука целокупната инфраструктура за да ова бунарско поле профункционира и да обезбедипотребни количини вода за пиење. Проектот се одвиваше во 4 фази и тој беше вреден над 65 милиони денари.

„Во овие временски неприлики и големи горештини имаме намален доток на количини на вода од регионалниот водовод ’Студенчица’ и тој доток е варијабилен, се движи од 100 до 200 литри вода во секунда. Поради недостаток на вода моравме да ги вклучиме и бунарските постројки со чии што количини на вода го надополнуваме недостатокот кој се појавува за време на пиковата потрошувачка“, вели Ѓоко Јочкоски, од ЈКП „Водовод и Канализација“ – Прилеп.

„Тука од огромна корист е проектот наречен ’Бунарски постројки Бегова ливада’. Доколку не постоеја овие бунари, во ваков критичен период, со ваква варијабилност на дотокот на вода, ќе се сретневме со проблеми какви што имавме во не толку далечното минато кога граѓаните на Прилеп мораа со туби и кофи да полнат вода од цистерни за да ги задоволат основните потреби. Сега со новата бунарска постројка „Бегова Ливада“ и со постоечките постројки кои ги имаме на располагање „Кешовица“, „Рушица“ и „Кошарка“ располагаме со доволни количини за да се испеглаат овие недостатоци и оваа варијабилна количина на вода која доаѓа од „Студенчица“. Се трудиме да ја искористиме целата вода која што стигнува од Регионалниот водовод, надополнуваме со континуирано вклучување и исклучување на потребен број на бунарски постројки и тука сакам да истакнам голема благодарност до сите граѓани на Општина Прилеп кои ни излегуваат во пресрет во ова време на нерамномерно водоснабдување, затоа што знаеме дека водата од бунарите се движи во обратна насока од она што го имавме претходно со „Студенчица“ кога имавме гравитационо снабдување“, истакна Јочкоски.

Градоначалникот Ристески и Ѓоко Јочкоски

Тој упати и апел до граѓаните за рационално користење на водата за пиење за да со таквиот начин на штедење им се овозможи и на граѓаните кои живеат во повисоките делови на Прилеп и тие да ги чувствуваат благодетите од водата.

Градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, истакна дека во изминатиов период биле вложени околу 15 милиони евра за пообрување на водоснабдителниот систем во Прилеп и благодарение на тие капитални и историски инвестиции Прилеп денес немал проблеми со водата.

„Ние имаме постојани консултации во овој период со ЈКП „Водовод и Канализација“ – Прилеп околу редовното водоснабдување на Општина Прилеп со вода. Ова е една од најтоплите години со екстремни горештини, голем број градови не само во Македонија, туку и Балканот и цела Европа имаат голем проблем со водата и водоснабдувањето поради намалувањето на издашноста на изворите, како што тоа кај нас е изворот „Студенчица“. Во една ваква ситуација нормално е дотурот на вода во градот да биде многу помал отколку нормалниот. Доколку оваа криза со сушата беше присутна пред 10-тина и повеќе години ние ќе ги имавме повторно истите проблеми кога Прилеп со месеци немаше вода, а ние како граѓани моравме да дежураме по цистерните за да наполниме некој литар вода за одржување на лична хигиена и за пиење. Ние недозволивме градот овие летни горештини да има поголеми проблеми со водоснабдувањето. Можеби малку е поразличен квалитетот на водата, не дека таа не е исправна за пиење туку ете за секој случај упатен е апел таа да се преврива пред употреба. Прилеп и во овој летен период е еден од градовите кои се најдобро снабдени со вода благодарение на бунарите кои беа проектирани и ископани за време на периодот 2010 до 2014 година во месноста Бегова ливада. А за ова придонесе и реконструкцијата на водоводната мрежа со прокетот на КФБ банката и Владата на РМ во вредност од околу 10-тина милиони евра“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

И од локалната самоуправа на Прилеп упатуваат апел овие денови додека трае кризата, граѓаните водата рационално да ја користат и да ја штедат истата.