Данска ја поддржува Македонија на нејзиниот евро-атлантски пат


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Во рамките на регионалната посета на нордиските земји, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денеска престојуваше во работна посета на Данска.

„На средбата со својот дански домаќин, министерот Андерс Самуелсен, министерот Димитров му ја пренесе подготвеноста на Владата за исполнување на сите неопходни критериуми за заживување на процесот на интеграција на земјата во ЕУ и НАТО. Димитров се осврна на клучните реформски приоритети насочени кон подобрување и продлабочување на добрососедските односи со земјите од регионот, усвојувањето на планот 3-6-9, владеењето на правото и независноста на институциите“, соопшти МНР.

Министерот Самуелсен ги поздравил напорите на новата македонска Влада во насока на спроведување на неопходните роформи како основа за постигнување на многу потребниот напредок на патот на нашите европски и евро-атлантски интеграции.

Самуелсен потенцирал дека Македонија ја има поддршката од Данска.

„Двајцата министри ја споделија и подготвеноста на двете земји за унапредување на политичкиот дијалог и зголемување на динамиката на билатералните односи, а во разговорите беа разменети мислења и за други прашања поврзани со современите предизвици“, соопшти МНР.

Во рамките на посетата Димитров оствари средба и со членови на парламентарната комисија за европски прашања во данскиот Фолкетинг, на која беше реафирмирана потребата за интензивирање на соработката меѓу двата парламента. Исто така, Димитров даде интервјуа за „Јиландпостен“ и за „Берлингске“, два од највлијателните дневни весници во Данска.

Посетата на министерот Димитров на нордиските земји продолжува утре со посета на Шведска, по што в четврток следува Финска, а завршува со Норвешка в петок.