Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Сѐ помалку поезија, сѐ повеќе „чад“ во Струга. Последното убиство во градот ги зовре шпекулациите: крвна одмазда или нарачано убиство од други мотиви за контроверзниот Дилавер Бојку?
Крвна одмазда или нарачано убиство и со какви мотиви? Одговор на ова прашање треба да даде истрагата по вчерашното убиство на контроверзниот струшки бизнисмен Дилавер Бојку- Леку, кој вчера попладнето бил застрелан во главата на струшката плажа „Аква блу“, по што напаѓачот веднаш избегал со мотор, пишува Дојче Веле на македонски јазик.
Дел од локалните жители не веруваат дека станува збор за крвната одмазда, која свои оази на ова „обичајно право“ според канонот на Лек Дукаѓини сѐ уште има во делови од Македонија, Косово и Албанија. Според нив, убиството не наликува на таков вид земање „крв за крв“, бидејќи е извршено на јавно место каде можеле да настрадаат случајни минувачи. Но, не исклучуваат дека мотивите биле посилни од правилата.
Крв за крв
Во Македонија е формирано Движење за национално помирување за крвна одмазда. Во него членуваат помирувачи, кои имаат цел да ги смируваат семејства кои по принципот „глава за глава“ сакаат да се одмаздат и на тој начин да ја вратат честа на семејството. Но, тој процес е многу компликуван, бидејќи оние кои останале приврзаници на канонот, некогаш и не ги споделуваат своите намери.
Според неофицијални статистики, во последните две децении повеќе од 40 македонски државјани се убиени поради крвна одмазда. Најмногу такви случаи имало во 2004 година – 12, а во 2005 и во 2006 година – 17. Во последните години десет години било забележано намалување на убиствата од крвна одмазда. Сепак, нема година без да настрада некој поради ритуал стар шест векови.
Струга во јули 2015 година сведочеше на убиството на заменик директорот на УЈП, Аргетим Асани, како одмазда за киднапирањето и убиството на Уран Купа, телохранител на струшкиот градоначалник. Според изјавата на таткото на Уран, одмаздата ја извршил неговиот син, односно братот на Уран.
Дали и во последниот случај станува збор за крвна одмазда? Братот и синот на Бојку пред две години беа обвинети за убиство на 23-годишно момче од селото Долна Белица. Синот на Бојку е во бегство, а братот во притвор. Според криминалистички искуства, некогаш мотивите за наводна крвна одмзада се користат само како параван за сосема други. Истрагата треба да открие за што се работи, но до овој момент такви сознанија нема.
Далеку од поезија
И додека оперативен тим на полицијата трага по сторителот, стружани се разочарани од текот на оваа сезона. По проблемите со локалната депонија, која во јули беше запалена, а чадот со денови ги гушеше жителите на градот, очекуваа мирна сезона барем во август. Особено што тоа е месец за туристичка жетва, но и месец на заштитниот знак на градот – „Струшките вечери на поезијата“.
„Далеку е ова од поезија“, разочарано вели жител на градот, која само во два наврати по седум дена успеал да ги изнајми двете соби наменети за туристи.
„Ни другите години не беше кој знае колку добро, ама кога се случуваат вакви работи, и тој што дошол – ќе си замине“, вели тој. За случајот Бојку не сака да коментира: „Не се разбирам, ниту сака да се разбирам во мафијашки работи. Тие таквите сами меѓу себе се пресметуваат“.
Бојку пред 20-тина години го доби прекарот „кралот на проституцијата“. Со истиот епитет веста за неговото убиство ја објавија речиси сите регионални медиуми. „Со куршум во чело ликвидиран најголемиот балкански макро“, „Убиен балканскиот бос на проституцијата“. Беше обвинет и осудуван за повеќе кривични дела поврзани со организирана проституција, во еден период баран бегалец од правдата, а потоа екстрадиран од Црна Гора во Македонија. Според неофицијални проценки, низ негови ноќни клубови во струшко поминале околу 3.000 бели робинки. Вo 2003 година беше осуден на затворска казнa од 3 години и 8 месеци за кривично дело посрeдување во проституција.
Од пред неколку години се вклучи во угостителскиот бизнис, земајќи ја под концесија струшката плажа „Аква блу“. Во јуни 2013 година градоначалникот на Струга, Зијадин Села, во полициската станица пријавил дека добил телефонска закана од Бојку во врска со најавите на локалната самоуправа за отстранување на времените објекти и урбаната опрема од јавните површини во градот. Како што соопшти полицијата, пријавениот подоцна бил повикан на информативен разговор во каде му било врачено писмено предупредување кое тој го прифатил. Заканите кон градоначалникот дошле по серијата негови критики за хаосот на струшкото крајбрежје.
„Не може под концесија да се дава плажа и да се дозволи да се изградат шанкови кои после прераснуваат во ресторани и мотели, а во Деталниот урбанистички план нема ништо исцртано. Ние мора да го решиме тоа“, изјави Села пред неколку години на одбележувањето на Денот на Езерото, потенцирајќи дека не може да се зборува за УНЕСКО и заштита на животната средина ако се градат објекти поблиску од 50 метри до езерото.
„Ќе чекам. Ако на Села му успее да ги урне сите објекти на плажите, нека го урне и мојот“, му порача Бојку.
Во тој период изјавите беа толкувани и низ диоптрија на политиката, со оглед на наводната блискост на Бојку со лидер на една политичка партија, пишува во текстот на Дојче Веле.