Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Еден од лидерите на коалицијата „ВМРО за Македонија“, која на последните избори не успеа да се избори за пратеник, но затоа нејзини видни членови влегоа во извршната власт, Стојанче Ангелов, не се согласува со предлог-законот за јазиците, според кој албанскиот јазик треба да се најде и на полициските униформи.
Генералот Ангелов, на неговиот Фејсбук профил го изнесе својот став кој го пренесуваме во целост:
„Од осамостојувањето на Република Македонија во 1991 година полициските униформи се ДВОЈАЗИЧНИ, напишани на кирилица на македонски јазик (ПОЛИЦИЈА) и на латиница на англиски јазик (POLICE). Не верувам дека во Македонија, дури и во најзафрлените планински села, постои човек кој не умее да го прочита и разбере зборот ПОЛИЦИЈА или зборот POLICE.
Со предлог законот за јазици се предвидува униформата на македонската полиција да стане тројазична односно, покрај на македонски и англиски, истата да биде напишана и на албански јазик.
Од професионален полициски аспект исто како и од аспект на реалните потреби на македонските граѓани, не постои ниту една единствена, практична но воедно и чесна причина кон Република Македонија, која го оправдува користењето на албанскиот јазик на униформите на македонската полиција. Причините поради кои албанскиот политички фактор инсистира а дел и уценува за користење на албанскиот јазик на униформите на македонската полиција се од сосема поинаква природа.
Затоа, уште еднаш, категорично “НЕ“ за употреба на албанскиот јазик на униформата на македонската полиција“, вели Ангелов.