Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Две лица се уапсени во Холандија во рамки на истрагата за затруените јајца под сомневање дека нелегално користеле инсектицид фипронил на живинарските фарми.
Холандското обвинителство соопшти дека двајцата осомничени се директори на компанијата која, наводно, го користела фипронилот на фармите.
Иако нема извештаи дека некој се разболел, обвинителите рекле дека имаат докази дека јавното здравје е загрозено со „примената на биоцидот фипронил кај кокошките кои несат јајца“.
Осомничените се приведени во текот на серијата претреси кои Холандија ги спроведе во рамки на заедничката акција со белгиските власти.
Поради аферата, милиони јајца се повлечени од продавниците во повеќе европски земји, вклучувајќи ги Германија, Белгија и Холандија.
Десетина произведувачи на јајца во Белгија и во Холандија се под истрага, откако во нивните производи е откриено присуството на инсектицидот фипронил, кој може да го загрози човечкото здравје.
Европската комисија неделава предупреди дека е можно јајца затруени со инсектицидот да се продавани во седум земји, со што скандалот доби поголеми размери.