Суперкуп спектакл: Исполнување на сонот за децата од Скопје


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Тоа беше ноќ за паметење за група деца со оштетен слух кои беа дел од церемонијалното отворање на УЕФА Суперкупот во Скопје, на која се сретнаа во живо со фудбалските ѕвезди од фудбалските гиганти Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед.

Група деца со оштетен слух од Скопје го искусија животното задоволство и возбуда кога беа вклучени во церемонијата на отворањето од натпреварот на Суперкупот организиран од страна на УЕФА кој се играше на градскиот стадион во Скопје, а и фудбалските ѕвезди уживаа во запознавањето и дружењето со нив.

Пред започнувањето на дуелот помеѓу Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед, на „Арената Телеком“ во Скопје, група ученици од локалното училиште за едукација и рехабилитација, „Партенија Зографски“, излегоа на теренот и со знаковен јазик изведоа песната A Sky Full Of Stars од британскиот бенд Coldplay.

Изведбата, заедно со децата од локалниот детски хор Фалсето, организирана од Фондацијата за деца од УЕФА, испрати клучна и значајна порака за потребата од интеграција на децата со посебни потреби. Таа вечер овие млади луѓе имаа можност да ги запознаат и да се дружат со фудбалските ѕвезди од двата тима кои беа дел од Суперкупот.

И фудбалските ѕвезди беа импресионирани од нив. „Беше вистинска привилегија да се види и доживее ентузијазмот кој го покажаа овие деца, тие се одличен пример за тоа дека напорната работа и труд секогаш се исплаќаат, докажувајќи го тоа со вештините кои ги покажаа“, изјави играчот од средниот ред на Манчестер Јунајтед, Хуан Мата.

„Секогаш се насмеани, беше одлично да се искуси нешто такво ново и да пробаме да научиме мал дел од знаковниот јазик кој тие го користат“, додаде Мата.

Мадридскиот ас Иско, чиј гол во второто полувреме го одведе шпанскиот тим до трофејот, се согласи со Мата: „Овие деца се вистинска инспирација“, рече тој, „и беше одлично што им беше овозможено да настапат за да покажат на јавноста што можат да направат“.

„Одлично е што можевме да им возвратиме со нешто на овие деца“, додаде Иско, „но, исто така, беше интересно да се научати и некои работи од нив“.

Дечките имаа незаборавно искуство кое секогаш ќе го паметат. Еве што имаа да кажат за големите моменти кои ги доживеаја на отворањето на Суперкупот.

„Беше многу голем настан и сè уште не можам да си поверувам дека јас бев дел од него! Го сакам фудбалот и ја сакам УЕФА!“, рече 18-годишниот Самир Чехович.

„Уште се тресам, не ми се верува! Беше возбудливо и бев горда и среќна“, искрено признава 18-годишната Феијма Ајваз.

„Тренингот, пробите, средбата со фудбалерите, церемонијалното отворање…сето тоа беше авантура. Не виде цел свет. Среќна сум!“, вели Ивана Трајкова (14).

„Прекрасни моменти. Сите луѓе околу нас беа фини, сето тоа беше добро“, вели Сара Владева (17).

„Среќен и возбуден сум. Сакам одново да го направам тоа. Сакам да им се заблагодарам на сите“, искрен е 12-годишниот Енис Асипов.

„Вчера цела се тресев, а срцето возбудено ми лупаше. Сакав тоа да биде нашиот најдобар настап. Многу сум среќна што таква убава работа ни се случи на сите нас. УЕФА, те сакам!“, изјави 17-годишната Серпил Демирова.