Во Македонија доделен првиот компаниски MAMFORCE Standard


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


MAMFORCE Standard Company доделен на Вип за спроведување на практики што ги земаат в предвид семејните потреби во управувањето со човечките потенцијали и овозможуваат рамноправно усовршување и напредување.

На денешното јавно претставување на проектот MAMFORCE, официјално се објави името на првата компанија што преку примена на политики коишто ги земаат предвид семејните потреби им овозможува на вработените баланс помеѓу професионалниот и приватниот живот. Прва компанија што се стекна со правото на истакнување на основниот MAMFORCE Standard во Македонија е телекомуникациската компанија Вип. Стандардот свечено го додели М-р Диана Кобас Дешкович, иницијаторка на проектот MAMFORCE. На настанот говореа и Елена Грозданова, Државен советник за еднакви можности од Министерство за труд и социјална политика, Лилиан Кандикјан, Национален програмски координатор од Швајцарска aмбасада, Жаклина Гештаковска Алексовска претставник од ИМЕ програма и Никица Кусиникова, Извршна директорка на здружението Конект. Телекомуникциската компанија ВИП со тоа се обврза на воведување на дополнителни мерки за подобрување на балансот помеѓу приватниот и професионалниот живот на своите вработени и за еднакви можности за усовршување, напредување и развој на кариерата, по што ќе оствари право за стекнување на напреден MAMFORCE Standard.

Процесот се спроведува преку ревизија на компаниите во коишто се испитуваат работните услови на вработените со посебен акцент на прилагодувањето на работните услови на родителите со мали деца (работно место, работно време, дополнителни сервиси, поддршка од компанијата и колегите), можност од постепено враќање од породилното отсуство (скратено и флексибилно работно време, работа од дома, повремена работа од дома, можност за отсуство поради болест на дете), како и можност за понатамошно усовршување, напредување и родова еднаквост на највисоките управувачки позиции. Компаниите по спроведената ревизија изработуваат акциски план за воведување на дополнителни мерки со коишто се остварува право на основен MAMFORCE Standard. По една година, доколку се имплементираат договорените мерки се остварува правото на целосен MAMFORCE Company Standard во една од овие категории: CHANGE, GROW или LEAD, што зависи од степенот на развој за управување со човечки ресурси во областа на семејни обврски и родова еднаквост.

Имплементацијата на проектот во Македонија е поддржана од Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) на Швајцарската агенција за развој и соработка, имплементирана од Swisscontact и локалниот партнер Преда Плус.