Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Долгогодишниот адвокат Звонко Давидовиќ потврди дека ќе се кандидира за Јавен обвинител на Република Македонија. Тој во изјава која ја пренесува мкд.мк вели дека поднесувањето на кандидатурата за ова место, за него претставува огромна одговорност и расчистување на сите сомнежи и недоверба, како во обвинителството, така и во судството.
Точно е дека ќе поднесам кандидатура за Јавен обвинител на Република Македонија. Јас сум долги години во оваа проблематика и работите ми се доста познати. Години наназад јавно и отворено зборувам за сите проблеми во судството и обвинителството. Обврска на оној кој ќе седне на тоа столче и кој ќе го добие тоа работно место е да ги расчисти сите сомнежи и недовербата која во моментов постои во обвинитеслтвото и судството. Столчето за Јавен обвинител не е привилегија, ниту фотелја за годишен одмор, туку е жешко столче кое бара огромна одговорност. Кој и да седне на ова работно место мора да биде професионалец во работата. Таму не смее да има политичка обоеност и не смее да има партиска припадност во предметите кои ќе се работат. Треба еднаш засекогаш да се расчистат сите сомнежи за политички обоени предмети. На прво место новиот Јавен обвинител на Република Македонија треба да го расчисти Крвавиот четврток, многу сериозно и многу темелно, потоа треба да го расчисти својот двор, односно обвинителството и судството, вели кандидатот за Јавен обвинител на Република Македонија, Давидовиќ. Тој додава дека особено го иритира фактот што меѓу имињата на кандидатите за наследници на Марко Зврлевски има и такви кои до сега се криеле од јавноста и воопшто јавно не зборувале за проблемите со кои се соочувале институциите како обвинителството и судството. Според него, не може на така одговорно место да седнат луѓе кои молчат за своите ставови и не зборуват отворено за проблемите. На крајот, Давидовиќ изрази надеж дека на, како што вели, жешкото столче за функцијата Републички јавен обвинител, ќе седне професионалец кој ќе ја тргне политиката од оваа институција.
Според Законот откако ќе бидат поднесени кандидатурите за ова место, тие се испраќаат до Советот на јавни обвинители кој треба да даде мислење, кое потоа се испраќаат во Владата. Предлогот и мислењето се враќаат во Собранието кое одлучува кој ќе биде Јавен обвинител на Република Македонија.