Нов бран планирани отпуштања: Прилепскиот Тутунски комбинат ќе ги преполови вработените


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Одборот на директори на Тутунски комбинат АД Прилеп уште во август минатата година одржал состанок на кој одредил акциски план за подобрување на ефикасноста на компанијата во кој се содржи и кратење на работните места за половина од сегашните. Сега истиот план ќе биде ставен пред акционерите на годишното собрание за што одборот на директори ќе побара поддршка во реализацијата бидејќи компанијата е во неповолна позиција поради потфрлањето на производство на цигари како што било договорено со стратешкиот партнер Phillip Morris International, пренесува Фактор.

Унапредување на оперативната ефикасност и обезбедување на позитивен тековен оперативен профит на друштвото од 2017 година, преку намалување на оперативните трошоци за приближно 1 милион долари (55 милиони денари) на годишно ниво заосновани на проценет оптимален број на вработени приближно на 220 од сегашните 423, стои во планот за реструктуирање на ТКП.

Исто така во годишниот извештај на ТКП е наведено дека стратешкото партнерство со Филип Морис иако дало почетни позитивни резултати во откупот на тутун е далеку под планираната реализација на производството на цигари што ја доведува компанијата во зависна позиција од заедничкото друштво. Во годишниот извештај за 2016-та токму тоа е и нотирано.

Во 2016 година имаме и потфрлување во однос на почетно добиениот план за годишно производство за 16,42 насто што се должи на испод очекуваниот перформанс на еден од новолансираните брендови на Philip Morris International. Ова е и причината за потфрлањето во однос на планот на тој сегмент, се наведува во годишниот извештај на ТКП.

Затоа ТКП ќе треба да обезбеди финансии за доброволно заминување на вработените како технолошки вишок, изготвување на програма и проекции. Се планира и затворање на примарното производство на Фабриката за цигари, а истото да биде аутсорсирано од Philip Morris Nish, а од стратешкиот партнер ќе се бара и да го префрли производството за македонскиот пазар на еден од неговите најзначајни брендови на машината која што повеќе од една година е донесена во погонот но, не е ставена во функција.

ТКП исто така размислува и за принудно отпуштање на вработени во втората етапа на планот но, зема во предвид дека истото може да предизвика политички и социјални проблеми.

Да потсетиме дека е ова е нов бран на планирани отпуштање, откако во претходните две години од ТКП си заминаа 535 работници со социјални отпремнини што тогаш беше половина од работната сила.