Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Првата и најголема истрага на СЈО за кривичното дело „перење пари“ најверојатно нема да заврши пред судот поради процесни причини. Правни експерти тврдат дека ништо не е изгубено, бидејќи делото не застарува, пренесува Дојче Веле.
Во законскиот рок од 18 месеци кој истекува на 30 јуни, СЈО нема да може да подигне обвинение за случајот Талир од процесни причини, тврдат за ДВ извори во одбраната на осомничените во овој случај.
Станува збор за првата истрага на СЈО за кривичното дело перење пар“ под името Талир, кое се однесува на финансирањето на партијата ВМРО ДПМНЕ. Во истрагата беа осомничени 14 лица, а првоосомничен беше лидерот на партијата, Никола Груевски. Според доказите до кои дошла истрагата, претседателот на ВМРО ДПМНЕ од 2009 до 2015 година спротивно на законските одредби овозможил финансирање на партијата заради зацврстување на политичката моќ во партијата и државата. Како што соопштија од СЈО во мај годинава, истрагата за овој случај била најобемна досега: од нивна страна биле спроведени околу 1.000 процесни дејства, сослушани над 260 сведоци, доставени 230 барања за податоци од правни лица, обезбедени над 11.000 уплатници од деловните банки, како и 300 страници анализиран материјал.
Но, алката што недостига за да се да се завршат процесните дејства и да се подигне обвинителниот акт, бил фактот што до потребниот рок три осомничњени лица не ги добиле поканите за распит за овој случај: Никола Груевски, Мартин Протогер и поранешниот Генерален секретар на партијата, Кирил Божиновски.
Бидејќи тројцата досега не биле ниту еднаш запознати со истражните наоди на СЈО, Обвинителството не може да им испрати известувања со кои ќе ги повика да направат увид во доказите или да им даде препис од нив, по што и осомничените би имале рок од 15 дена да предложат прибирање други докази. Бидејќи остануваат само четири дена до истекот на рокот за подигнување обвинение, поради овие процесни причини случајот Талир нема да стигне до судот.
Пресудија непримените покани
Од СЈО се недостапни за коментар околу ваквите наводи. Последен кој на 12 јуни беше повикан на распит за Талир, беше директорот на Центарот за комуникации на ВМРО ДПМНЕ, Иво Котевски, а три дена претходно Генералниот секретар на партијата и поранешен технички премиер, Емил Димитриев, пратеничката Даниела Рангелова и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески. На распит не дојде Никола Груевски, за кого беше речено дека не добил покана, а неофицијално и дека е надвор од земјата. Од СЈО тогаш изјавуваа дека неговото обезбедување со денови одбивало да ги прими поканите, но и дека нема да бараат стражарно приведување на оние кои одбиваат да ги примат поаните. По 16 јуни, тоа практично би бил и некорисен потег, бидејќи и по евентуалниот распит, не останува рок од 15 дена за испраќање известувања до осомничените и за одговор од нив.
Извори од одбраната не сакаат да коментираат дали непримањето на поканите се покажало како клучна тактика за да се стави СЈО во временски теснец, односно пред свршен чин, но потенцираат дека Обвинителството имало доволно време за ги заврши процесните постапки, а не да ги остава за последен миг. Според нив, со ова е извесно дека постапката за овој случај ќе биде запрена.
Но, според правни експерти, кривичното дело перење пари не застарува и со него може да се занимава и Обвинителството за гонење организиран криминал, доколку се обезбедат нови докази кои би можеле да бидат тригер за нова истрага, со која практично би биле опфатени истите осомничени.