Министерот Алаѓозовски побара од директорот на МНТ дисциплинска одговорност за Тони Михајловски


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Министерството за култура одговори на барањето на Здружението на новинари на Македонија да поведе дисциплинска одговорност за актерот и уметнички директор на Македонскиот народен театар, Тони Михајловски, поради неговите закани по живот упатени на адреса на новинарот Бранко Тричковски.

Од Министерството оценуваат дека најостро го осудуваат јавно искажаниот говор на омраза од страна на актерот Михајловски. За неговиот последен истап, сметаат во Министерството, освен кривична одговорност, постои и дисциплинска одговорност во рамките на установата во која е вработен.

Но, како што нагласуваат од ресорот со кој раководи министерот Роберт Алаѓозовски, со оглед на тоа дека станува збор за актер-првенец во МНТ, на директорот Дејан Пројковски најдиректно му е посочено дека има обврска да постапи согласно законот и да поведе дисциплинска постапка против Михајловски за повреда на угледот на установата.

ЗНМ вчера побара од Основното јавно обвинителство во Скопје кривично да го гони Тони Михајловски, со прекар Шанац, за сторени кривични дела по член 144 и член 386 од Кривичниот законик, против новинарот Тричковски.

Во барањето, тие потсетуваат дека на 16 јуни оваа година Михајловски на својот профил на Фејсбук ја напишал следната содржина: Јас Бранко Тричковски можам да го убијам и да не ми трепне око. Прости ми Боже. Истиот ден, од неговиот Фејсбук профил на друг Фејсбук статус напишал Не сме се разбрале. Јас не сакам да го гледам низ нишан, ниту, пак, да трошам 2 евра. Со раце, за да се гледаме во очи. Не би ја пропуштил таа фаца при испуштање душа.

ЗНМ смета дека со овие објави Михајловски експлицитно упатува закана по живот на новинарот Тричковски и ја става во опасност неговата сигурност. Од ЗНМ укажуваат дека овие постови се објавени на Фејсбук профилот на Михајловски, кој е следен од повеќе од 35 илјади Фејсбук пријатели, што за македонски услови претставува голема публика.