Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Едно лица загинало а десетина се повредени во земјотресот кој во понеделникот го погоди егејскиот грчки остров Лезбос со магнитуда од 6,3 степени по Рихтер, кој се почувствувал и во оддалечените Атина и Истанбул, потврдија грчките власти.
Според градоначалникот на островот, Спирос Галинос, загинала жена во селото Вриса, кое има околу 600 жители, чиешто тело е најдено под урнатините на нејзиниот дом, а нејзиниот сопруг е повреден. Повеќето од настраданите се од ова село населено главно со повозрасни лица, пренесува државната грчка телевизија ERТ.
Претходно беше соопштено дека земјотресот предизвикал големи оштетувања на домови и објекти, како и блокирани патишта во Вриса, а неколку домови биле урнати и во гратчето Пломари. Микроцунамито по земјотресот ги исфрлило чамците и бротчињата на копното.
Префектот на Северниот дел од Егејското Мор, Кристијана Калогиру изјави дека властите ќе ги искористат сите ресурси со коишто располагаат за да им помогнат на жителите на Лезбос.
Според порталот lesvosnews.net, со одлука на локалните власти затворени се сите образовни институции на островот додека не се провери дали се безбедни за престој. Грчкото министерство за образование на островите Лезбос и Хиос го одложи изведувањето на општите завршни испити, кои требаше да се одржат во вторник.
Армијата, исто така, помага и обезбеди шатори за луѓето кои ги напуштиле своите домови. Тие ќе можат да се сместат во спортските објекти, додала Калигиру.
Сеизмолозите им препорачуваат на жителите на Лезбос да останат надвор од објектите сѐ додека експертите не извршат увид и процена на нивната безбедност.
Според Американскиот геолошки институт (USGS), епицентарот на земјотресот околу пладне бил на 11 километри од местото Пломари, на длабочина од 5,7 километри.
Институтот за геодинамика при Атинската национална опсерваторија прецизира дека силниот земјотрес имал магнитуда од 6,1 степен по Рихтер и го погодил источниот дел од Грција, меѓу островите Лезбос и Хиос во 15,28 часот по локално време. Потоа следел афтершок со магнитуда од 4,8 и неколку помалку силни удари.
Во текот на подземниот удар во Грција се треселе згради и додава дека земјотресот се почувствувал и на острвите Самос и Хиос, како и во Атина и на целиот полуострвов Атика.
Имајќи предвид дека епицентарот е меѓу Лезбос и турскиот град Карабурун, во округот Измир, потресот бил почувствуван во повеќе турски градови, меѓу кои и во Истанбул, Измир и Чанакале и предизвикал голема паника меѓу населението. Турските медиуми јавувија дека се регистрирани четириесетина последователни потреси.
На островот Лезбос во моментов се наоѓаат околу 4.000 имигранти и бегалци, главно чекајќи да им биде одговорено на нивните барања за азил. Тие се сместени посеверно, каде што е забележана само материјална штета.