Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Замокот Чилингам е средновековен замок во селото Чилингам во северниот дел на Нортамберленд, Англија. Прво бил засолниште, а во 14-от век прераснал во целосно утврден замок. Од 15-от век до 1980-те години бил седиште на семејствата Греј и Бенет.
Во големиот заграден парк од замокот живее ретка врста на говеда што се состои од 90 грла. Со својата стратешка положба во близина на брегот и англиско-шкотската граница, овој замок одиграл главна улога во крвавата војна помеѓу Англичаните и Шкотланѓаните од 14-от век.
Се користел како попатна станица за англиската војска што влегувала во Шкотска, но редовно бил напаѓан и заземан од шкотската војска и диверзантите што оделе на југ. Импозантниот влез на замокот бил изграден во 17-от век, а сер Џефри де Вајатвил, архитектот на замокот во Виндзор, го проектирал паркот со прекрасен пејзаж во почетокот на 19-от век. Со векови, архитектонските детали и масивните ѕидови останувале непроменети, имајќи ги во основата средновековната цврстина и карактер.
Просторијата за измачување е едно од најстрашните и најинтригантните места во замокот. Многу од средствата за измачување се изложени тука, и повеќето од нив се сѐ уште функционални. Ова се дел од средствата за измачување: рамка за истегнување, кревет со шајки, столица со боцки, железна девица, направи за кршење прсти, синџири, ножни окови, кафези, стапици и метални направи за жигови.
Се смета дека 7.500 Шкотланѓани, вклучително мажи, жени и деца, од сите возрасти биле измачувани и убиени во оваа зандана во рок од три години. Во Втората светска војна, замокот се користел како касарна. Во тој временски период, војниците што биле сместени таму откорнале и изгореле голем дел од дрвените декоративни елементи.
По војната, замокот почнал уште повеќе да пропаѓа. Проектот за негова реставрација започнал во 1982 година од страна на сер Хемфри Вејкфилд кога неговата сопруга лејди Мери Тенкрвил, којашто била наследник на семејството Греј, добила дозвола да ја преземе рушевината. Замокот опстоил 800 години. Денес, делови од замокот се отворени за јавни и приватни настани.