Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Претседателот на Победа, Гоце Ингилизов по завршувањето на дебитантската сезона во Првата лига истакна дека е среќен поради изборениот опстанок на највисок ранг.
„Може да се каже дека на крај добро се заврши, иако никогаш цел не ми бил опстанокот, туку средината на табелата. Но околностите направија на крај да сме задоволни и со овој пласман. Почетокот беше катастрофален, мислам дека екипата беше очајно подготвена од физички и тактички аспект и натпреварите беа мачни за гледање…Сепак, најголем проблем ни беше неиграњето во Прилеп, нешто што ни одзеде премногу енергија, време и пари, а екипите во нашата Прва лига немаат некоја разлика во квалитет, па домашниот терен е витален. Земете го примерот со Пелистер кога играа во Охрид. На крајот од првенството, откако се вративме во Прилеп, тргнаа и победите. Многу луѓе беа скептици за нашето претставување на стадионот на Могилата на непобедените, но јас бев убеден дека тука ќе имаме успех“, истакна Ингилизов.
Секако фановите на прилепска Победа најмногу ја интересираат летните засилувања.
„Со Штерјовски веќе разговаравме за неколку играчи од домашното првенство, кои би можеле да дојдат кај нас. Но според мене најважно е да овој костур од тимот кој сега го имаме, остане во Прилеп. Се виде дека играчите имаат квалитет и потенцијал, па со неколку дополнувања во тимот, може да сме значително подобри од лани. Ме контактираат десетина менаџери, но повеќе нема да експериментираме. Ќе донесеме или квалитетни играчи или млади потенцијали кои ќе ги пробуваме во текот на подготвителниот период. За ова одлучува Шефот на стручниот штаб и тој на крај ја составува екипата. Буџетот ќе го дефинираме наредна недела заедно со сите спонзори, но тој нема да е којзнае колку различен од овогодинешниот, со таа разлика што оваа година планираме да играме дома во Прилеп и тие огромни трошоци кои ги имавме за патувањата, да ги пренамениме во пари за играчи“, вели Ингилизов.