Сенаторот МекКејн тврди: Путин е главна закана за безбедноста на светот


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Американскиот сенатор Џон МекКејн изјави дека рускиот претседател Владимир Путин е поголема закана за безбедноста во светот од милитантите на Исламската држава. Тој најави дека Сенатот би требало да ги прошири санкциите врз Москва.

Во интервју за австралиската телевизија, МекКејн оцени дека претседателот Путин бил најголема закана за демократијата во светот.

Мислам дека тој е главна и најважна закана, повеќе од ИД. Мислам дека ИД може да направи страшни работи и загрижен сум многу за она што се случува со муслиманската вера и за сите работи во врска со тоа. Но, Русите се тие кои се обидуваат да го уништат најосновното во демократијата, а тоа менување на исходот од американските избори, вели тој.

Сенаторот МекКејн додаде дека Сенатот би требало да донесе санкции врз Москва.

МекКејн смета дека иако се уште нема докази оти Русија успеала да го смени резултатот на изборите во САД, Кремљ се уште се обидувал да влијае врз изборите и во други земји, како например Франција.

Тоа, пак, како што изјави Владимир Путин на пресконференцијата во Версај со неговиот домаќин, францускиот претседател Емануел Макрон, воопшто не било тема на нивните разговори.

Што се однесува на имагинарниот упад на Русија во избори насекаде, ние не разговаравме за ова и господин претседателот не покажа никаков интерес да зборува за тоа. Што се однесува до мене, мислам дека нема за што да се зборува, рече тој.

Путин и Макрон ја посетија изложбата во Версај посветена на триста годишнината од посетата на рускиот цар Петар Велики на Париз.

Тие претходно разговараа за повеќе теми меѓу кои за Сирија и Украина, како и за човековите права и медиумите во Русија.

Путин оваа изложба требаше да ја отвори во октомври лани, но посетата беше откажана по затегнувањето на односите меѓу Париз и Москва поради воената кампања на сириските власти помогнати од Русија.