Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Федерика Могерини, на вечерашната неформална средба со лидерите на балканските земји, меѓу кои и мандатарот за состав на влада, Зоран Заев, ќе разговара за иднината на соработката меѓу ЕУ и балканскиот регион.
На средбата ќе се зборува за актуелната состојба во регионот, за тоа како ЕУ да ги зајакне можностите и перспективите за добрососедските односи на Балканот и како да се развие инклузивно општество и владеење и жива економија. Могерини денеска на прес-конференција во Брисел рече дека Западен Балкан е регион кој е клучен за ЕУ, поради безбедноста, превенција на радикализацијата, како и поради менаџирањето на бегалците и границите.
Јас често велам дека не треба да зборуваме за перспективата на овие земји за влез во Европа бидејќи тие се во Европа. Треба да зборуваме за перспективата за нивни влез во ЕУ и токму тоа е тема на денешната вечера, рече Могерини.
Таа вели дека ЕУ е посветена да работи блиску со сите шест земји од Западен Балкан, но како што вели, не да работи за нив, туку со нив.
Неодамна, имаше некои потешкотии, но и некои охрабрувачки чекори, па секогаш е добро да се сретнат и сите заедно да разговараме за чекорите што ќе ги превземеме за во иднина. Ова ќе биде одлична можност за да изградиме подобро регионално разбирање и како да работиме на патот кон Европската унија заедно, рече Могерини.
На денешната неформална вечера, Могерини ќе се сретне со премиерите на Србија, Косово, БиХ, Албанија, Црна Гора и со мандатарот за нова влада Зоран Заев.