Кривичен го отфрли барањето на СЈО за замрзнување на дел од недвижниот имот на ВМРО-ДПМНЕ


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Кривичниот суд не прифатил ниту едно барање на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) за замрзнување на имотот на ВМРО-ДПМНЕ за случајот „Талир“, се вели во соопштението на судот. Одбиени се сите 12 барања за замрзнување на имотот, меѓу кои и оној за седиштето на партијата.

Судии на претходна постапка првично изразиле несогласување да се замрзне имотот, а потоа судиите од Кривичните совети на Одделението за организиран криминал и корупција ја уважиле нивната несогласност.

На овие решенија СЈО нема право на жалба.

Во случајот „Талир“ првоосомничен е Никола Груевски како лидер на ВМРО-ДПМНЕ, заедно со Кирил Божиновски, Илија Димовски, Даниела Рангелова, Игор Есмеров, Александар Бичиклиски, Емил Димитриев, Миле Јанакиески, Иво Котевски, Илија Ристовски, Билјана Бришкоска – Бошковски, Леко Ристовски и Елизабета Чингаровска.

Според предистражната постапка, од 2009 до 2015 година, осомничените прифатиле незаконски средства за финансирање на партијата во вредност од 4,9 милиони евра. Овие пари, наместо да се вратат во буџетот како што налага законот, биле искористени за незаконско финансирање на партијата.

За да се „исперат“ овие пари, според СЈО, биле користени различни начини, а еден од нив биле наводни уплати на жиро-сметките на партијата од различни физички лица под превозот „донации“ и „членарини“. Дел од овие уплати биле пишувани со ист ракопис, а уплатувани во банките во рок од 20-30 секунди. Во еден ден, зависно во која година, на овој начин биле уплатувани од 12 илјади до 30 илјади евра.

Со овие средства, меѓу другото, биле склучени 71 договори за купување недвижен имот, а дел од овој имот не се користел за партиски, туку за приватни цели.